Hyundai HR30T–9

Нови стандарди во класата

Далекуисточната филозофија на конструкција на работни машини најголем акцент става врз рационалноста, ефикасноста и истрајноста на секој строј посебно. Ваљакот HR30T–9 на Hyundai не претставува никаков исклучок од тој принцип

Со ваљакот HR30T–9, Hyundai прави сериозен обид во поставувањето на нови стандарди во оваа тежинска класа. Главни адути со кои се напаѓа конкуренцијата се бараат во ефикасноста, доверливоста и економичната експлоатација. Исто така големо внимание се посветува и на намалениот напор на операторот. Навидум едноставни и логични решенија, но секое стручно лице ќе знае да ги испочитува овие решенија кои воедно претставуваат и најтежок конструкторски придонес.

Погледот во техничките податоци говори дека се применети класични решенија кои според добриот далеку–источен принцип се темелно преработени и на кои им се дава нова диманзија на квалитетот.

Два дизелски цилиндри за погон

Вкупната тежина на HR30T–9 изнесува 3 тона кои се рамномерно распоредени на двата дела кои се зглобно поврзани помеѓу себе. Релативно малиот дизелски мотор од 1.550 ccm има само два линиски поставени цилиндри. Конструиран во германскиот концерн Deutz тој наоѓа примена во дузина работни машини. Современата конструкција во комбинација со големиот, 50 литарски резервоар за гориво, му овозможуваат долготрајно присуство на асфалтот без потреба за често сопирање поради надополнување на резервоарот.

Иако два дизлески цилиндри не ветуваат мирна работа, сепак вибрациите и бучавата се елиминираат со вградување на специјални лежишта кои во голема мера ги анулираат овие несакани појави.

Хидростатските пумпи се придвижуваат преку 31 КС кои се постигнуваат при 2.600 врт/мин. Веднаш да додадеме дека моторот својот максимален вртежен момент го постигнува при ниски 1.600 врт/мин така да малиот дизел воопшто нема потреба да се напрега со високи вртежи.

Ефикасноста на вградениот контролен систем се огледа во прецисното контролирање на брзината на работа која може да се дозира во распон од нула до 10 км/ч.

Рамномерно распореден притисок

Основната намена на секоја машина од овој вид секако дека претставува набивање и израмнување на свежо поставени асфалтни површини. Таа задача Hyundai HR30T–9 ја извршува преку ваљак со широчина од 1.250 mm и пречник од 750 mm. Двата ваљци имаат опција и за вибрации и тоа со избор на една од две расположливи фрекфенции.

Работниот притисок на газната површина изнесува 12 kg/cm² што во најголем број случаи резултира со беспрекорно рамен асфалт. Специфика на машината претставува вградување на четири бризгалки за вода во предниот дел кои работат под висок притисок. Исто така на двата ваљци е вграден и систем за прочистување кој ги отстранува сите нечистотии кои се лепат на газниот слој.

Работен простор

Со ваљакот оперира работник кој е заштитен со два лака. Позицијата на седење овозможува детален преглед на сите страни а командите се состојат од управувач и две палки. Кога ќе се погледне опсегот на работа за кој е наменета машината а кој се состои од уредување на асфлатни површини со средна големина, преку уредување на поголеми градини па се до поправка на улици, станува јасно зошто производителот инсистирал на прецизноста при работа.

Кога ќе се погледне Hyundai HR30T–9 однадвор, веднаш станува јасно дека на инспекции и редовно одржување нема непотребно да се губи време. Со едноставно подигнување на капакот сите агрегати и филтри се при рака, така да евентуалните интервенции освен што се реалтивно ретки туку се изведуваат и со исклучителна леснотија. На почетокот истакнавме дека вградувањето на голем резервоар за нафта е во функција на минимизирање на празниот од на машината. Овие особини посебно се ценат од страна на професионалците.