IAA откажан, InnoTrans одложен

Ќе остане ли 2020-тата без ниту еден саем?

За жал, по сé изгледа да – објавено е дека заради ограничувањата на патувањата и забраните за одржување настани со голем број луѓе не е можно да се организираат двата најважни годинешни саеми на комерцијални возила и сообраќајни технологии

Германската асоцијација на авто-индустријата VDA одлучи да го откаже саемот IAA 2020 кој требаше да се одржи во Хановер од 24 до 30 септември, кој важи за еден од водечките во светот на транспортот, логистиката и мобилноста. Од VDA велат дека било тешко да се донесе ваква одлука и уште потешко да се известат за неа бројните изложувачи пријавени за настап, заедно со ангажираните партнери на Deutsche Messe за негово организирање. Сепак сметаат дека раното откажување на овој важен настан ќе придонесе за намалување на економските последици за компаниите. Одржувањето на следната саемска приредба останува предвидено за септември 2022 година.

Нема да се одржи ниту InnoTrans 2020, барем не во планираниот термин од 22 до 25 септември. Здравјето и сигурноста на изложувачите, посетителите и сите вработени на саемот имаат најголем приоритет, заради што тој е одложен за 27 до 30 април 2021 година. Овој светски водечки саем на сообраќајните технологии се одржува секои две години во Берлин. На претходното негово издание во 2018-тата 3.062 изложувачи од 61 земја ги претставија своите иновации на вкупно 153.421 посетители дојдени од 149 држави ширум светот. InnoTrans има неколку изложбени сегменти – железничките технологии и инфраструктура, јавниот превоз, уредување на ентериери и изградба на тунели, како и посебен изложбен простор за производителите на електрични автобуси кои се откажаа од понатамошен настап на IAA.