Кинези и Полјаци во трка за Ikarbus
Во земунски Ikarbus се во очекување на понуди за преземање на фабриката
Со освојувањето на новите технологии и производството на најсовремени автобуси на шасии од Mercedes и MAN, земунскиот Ikarbus успеа да претурка преку долготрајниот и болен процес на реструктурирање и сега со многу повеќе оптимизам ја чека утрешнината. Во оваа српска фабрика за автобуси очекуваат до крајот на годинава да падне и понуда за преземање на мнозинскиот пакет акции – нивните погони ги обиколуваат бројни претставници на странски компании, а најсериозни меѓу нив се две фирми од Кина и една од Полска. Според челните луѓе на компанијата, странците изразиле интерес и за производство на електрични автобуси.
Во моментов во фабриката се работи со полна пареа. Работа има доволно – се привршуваат 30 зглобни автобуси за јавниот превоз во Белград, а се подготвуваат и за две големи нарачки – делови за Унгарија и автобуси за Иран. Заради тоа, освен 250-те редовно вработени, привремено се ангажирани уште 50 луѓе кои работат и на реновирање и одржување на возилата од повеќе фирми во Србија. Завршен е и прототипот на новиот меѓуградски автобус Ikarbus IK-312MB поставен на шасија Mercedes-Benz OC500RF. Тој воедно е и прв Еуро 6 автобус произведен во Србија во категоријата од 12 метри. Каросеријата ја развива инженерите на Ikarbus во соработка и според инструкциите на Mercedes, кој на крај ја одобри и верификуваше надградбата.
Новиот автобус го привлекува вниманието со својот ненаметлив дизајн со остри рабови од страна и ненагласената маска. Решетките назад убаво се дизајнирани и визуелно се надополнуваат со светлосните групи. Вратите за патниците целосно се застаклени, со што се подобруваат и прегледноста и атрактивноста на изгледот на овој автобус. Во него се вградени вкупно 51 седиште од турскиот производител Sege со наслон кој се соборува, поставени на големо растојание што ќе ги израдува патниците, посебно оние со повисок раст. Нивниот одличен изглед и привлечно тонираните бои на ткаенината и материјалот на облогите добро се вкомпонирани со современо дизајнираниот патнички модул за осветлување, вентилација и разглас. Просторот над главите на патниците е доволен само за помали предмети, клима уредот Pneumo Logic е задолжен за пријатна атмосфера а ентериерот е добро изолиран од бучавата на моторот. Патниците на располагање имаат два TFT монитора закачени на плафонот, а возачот управува со мултимедијалниот систем од Pioneer преку екран чувствителен на допир.
Командната табла е изработена од материјал мек на допир и добро е вклопена околу управувачот и кластерот испорачан заедно со шасијата. Таа пак е опремена со сите безбедносни системи на Mercedes, како што се темпоматот, системот за предупредување при напуштање на сообраќајната лента или пак автономниот систем за кочење во случај на опасност. Системите против блокирање на тркалата, против пролизгување, за помош при кочење и за контрола на стабилноста се подразбираат. Моторот е OM936 LA со работна зафатнина од 7,7 литри и 299 KS, а менувачот сервозасилен шестстепен мануелен Mercedes GO190. Багажниот простор е сосема доволен за еден меѓуградски автобус, а електронскиот систем за контрола на ослонувањето дава можност за спуштање на нивото на автобусот за полесно влегување и излегување на патниците.
Значењето на овој автобус е поголемо ако се знае дека е прв меѓуградски модел направен во Ikarbus после десетгодишна пауза.