Integralia in-vip

Времињата се менуваат, треба и ние

Според сопствените проценки, туристичките работници годинава кај нас очекуваат добра сезона. Освен зголемениот број посети, посебно ги радува и промената на структурата на гостите во кои повеќе ќе учествуваат оние подоброплатежните. Но дали сме подготвени ем да им ги земеме парите, ем да си отидат задоволни и повторно да дојдат со повеќе пари за трошење?


Понудата и побарувачката во туризмот се мајка и ќерка, но ние никако да го научиме тоа – за нас тие сé уште се маќеа и ќерка. Светската туристичка шема рапидно се менува и заради икс фактори сé повеќе се движи од масовниот туризам кон специјализираните понуди. Во нашиот сегмент на опсервација нема да зборуваме за хотелите, плажите, рестораните и природните убавини туку како да се стигне до нив. Во тој поглед увезените стари автобуси од странство што се тркалаат по нашите патишта се далеку, далеку од она што всушност ни треба. Мора да сфатиме дека третманот на гостите како поединци а не како група, е приоритет, а нивните впечатоци почнуваат да се таложат од првата средба со нашата понуда. А тоа не се хотелите, плажите, рестораните и природните убавини, туку превозното средство во кое ќе седнат откако ќе излезат од аеродромската зграда. Бидејќи апсурдно е да зборуваме за нови високотуристички и луксузни автобуси во наши услови (недостаток на сериозни иницијални средства за инвестирање, кратки релации и периоди на ангажман и слично), единствената алтернатива на она што денес го имаме на улиците се мини и мидибусите – нови (или барем со понов датум) и добро опремени.

Integralia-IMG_7438

Производители на такви возила низ Европа ги има безброј. Всушност и ние лесно можеме да ги правиме кога би имале на располагање доволно широка понуда на квалитетни компоненти и пазар за нив. За разлика од нас Шпанците го имаат сето тоа, а имаат и туристи, така што оваа гранка на автобуското производство кај нив е развиена. Како пример ја зедовме компанијата Integralia од местото Ескироз во покраината Навара, северна Шпанија. Спаѓа во посериозните и попродорни компании од оваа бранша – за своите 15 години постоење имаат преработено повеќе од 1.600 возила на шасиите на Mercedes и Volkswagen. Освен на домашниот, со сопствена продажна мрежа присутни се и на пазарите на Германија, Франција и Бенелукс, а сервисната поддршка ја обезбедуваат 24 часа, 365 дена во годината. Сите производи ги имаат европските сертификати, а за нив даваат гаранција од три години, од кои во првите две без ограничување на километражата а во третата со лимит од 200.000 километри. Integralia во Шпанија држи 56% од сегментот, а во Франција стигна до 20%. Гамата минибуси им се состои од пет основни модели – градски, школски, туристички, ВИП и луксузен, а по желба на купувачите изработуваат и специјални изведби.

Integralia-in-vip-interior-JAZ_391568_final-CORREGIDAIntegralia-in-vip-plus-interior-1B8A8595Integralia-in-vip-mesa-003Integralia-in-vip-usb.004За претставување ја избравме in-vip верзијата, која се закити со престижното признание „Микробус на 2014 година“, доделено од специјализирано жири од 25 шпански професионалци од оваа област. Може ба биде направен на шасија од Mercedes Sprinter или Volkswagen Crafter (кои се во основа еден ист модел), во различни конфигурации и со капацитет до 15 седишта. При дизајнирањето на неговиот ентериер конструкторите тесно имаат соработувано со клиентите за да што подобро се задоволат нивните потреби. А тие ќе кажат дека во нивниот бизнис најважен е ВИП третманот на патниците обезбеден и со флексибилноста и високиот комфор овозможен од пневматското ослонување и автоматската трансмисија. Исто и дека деталите како УСБ конекторите на секое седиште, мониторите од „авионски тип“ над главите и можноста за обезбедување различни типови амбиент при патувањата во денешно време се неопходни за уживање во возењето и целосно задоволство од пружената услуга.

Искуството што Integralia го има им помогна во постигнувањето на сето тоа. Користењето на иновативните технологии не беше ограничено само на оние кои се среќаваат кај автобусите, туку дел од нив се преземени и од автомобилите и секојдневниот живот. Внимателно дизајнирана и педантно обработена, внатрешноста на Integralia in-vip претставува перфектен баланс меѓу елеганцијата и комфорот и нуди идеални услови за релаксирани патувања дури и на подолги релации. Искористувањето на просторот е подредено на рафинираноста на создадената атмосфера и хармонијата со уживањето во возењето. Заради тоа и во сите верзии се вградуваат топ-седиштата на германскиот производител Kiel, меѓу кои посебно се истакнува напредниот модел 1030, обложени со кожа и обработени со двојни шевови. Достапни се и бројни можности за персонализација на интимниот простор за патниците, како што е опремувањето со одморачи за нозе, држачи за чаши, списанија и слично. Двојните панорамски стакла и врвната термичка и звучна изолација се надополнуваат со софистицираниот клима уред со независни канали за мултизонска контрола, а осветлувањето е со две независни двојни кола, и двете во бело или сино. Топ изведбата на Integralia in-vip со ознака plus располага со максимум 10 единечни седишта од двете страни и бројни подобрувања на и онака веќе добрите изведби на просторот за патниците.

Integralia-in-vip-exterior-029

Integralia in-vip е долг 7,53 метри и има 4.325 mm меѓуоскино растојание во изведбата на шасија од Sprinter 516 CDi и 519 CDi или VW Crafter 50, односно 5,91 метри должина и меѓуоскино растојание од 3.665 mm во изведбите на основа на Sprinter 316 CDi и 319 CDi, во која има простор само за 9 патници. Се опремува со дигитално контролиран клима уред од 14 kW сместен на кровот со независно подесување за возачот, аудио-видео систем со надворешни конектори, ДВД, два 10-инчни екрани, блутут, звучници и микрофон, кабинет за пијалаци со ладилник од 36 литри, а греењето е со конвектори кои се подесуваат по височина од двете страни на возилото. Вратата е електрична со далечинско отворање, наслоните на седиштата за патниците се соборуваат, а дури и возачкото седиште е со кожа. Купувачите имаат можност за поврзување со интерната мрежа на компанијата преку која можат да ги добијат сите информации за возилото, техничката документација и да контактираат со сервисната служба од каде и да било, кога и да било. За крај, да напоменеме само уште дека сите in-vip возила се испорачуваат со металик боја по избор.

in-vip-Integralia baja 012До пред 10-15 години автобуската слика на шпанските патишта беше многу слична како нашата. Не до толку катастрофална, но исто преовладуваа големи, експлоатирани и слабо опремени возила. Сега веќе не е така. Земјата отсекогаш била атрактивна дестинација за одмор, но и покрај варирањето на бројот на странски туристи кој сега се движи околу 60 милиони годишно, приходите се зголемуваат и изнесуваат преку 60 милијарди евра, односно 6% од бруто општествениот производ.

in-vip-JAZ_391568_final_LR
in-vip-Integralia baja 012
Integralia-in-vip-usb.004
Integralia-in-vip-reposapies-JAZ__409353
Integralia-in-vip-plus-interior-1B8A8600
Integralia-in-vip-plus-interior-1B8A8596
Integralia-in-vip-plus-interior-1B8A8595
Integralia-in-vip-interior-002
Integralia-in-vip-interior-JAZ_391568_final CORREGIDA
Integralia-in-vip-interior-JAZ_391568_final-CORREGIDA
Integralia-in-vip-luces-1B8A7314
Integralia-in-vip-luces-1B8A7317
Integralia-in-vip-mesa-003
Integralia-in-vip-pantalla-JAZ_391146
Integralia-in-vip-interior1B8A7029
Integralia-in-vip-interior-1B8A6919
Integralia-in-vip-Integralia-in-vip-032
Integralia-in-vip-exterior-029
Integralia-in-vip-exterior-015
Integralia-in-vip-exterior-014