Како од вселената
Претставен на салонот на комерцијалните возила во Бирмингем, овој пикап привлече неочекувано големо внимание на посетителите
Isuzu подготвува посебна едиција на успешниот модел D-Max Arctic, кој заради специјалниот третман ќе ја има ознаката Stealth. Визуелниот впечаток е навистина интересен најмногу заради космички црната мика боја слична на онаа на невидливите за радар авиони. Однадвор се забележуваат проширените прагови и LED светлата, додека внатрешноста се одликува со нешто повисоко ниво на луксуз благодарение на кожените седишта и новиот 9-инчен дисплеј на навигацијата и аудио системот со 9 звучници и сабвуфер. За погон е задолжен стандардниот дизел мотор со работна зафатнина од 1.898 cm³ со 164 KS при 3.600 вртежи во минута и 360 Nm достапни од 2.000 до 2.500 вртежи.
Овој пикап со двојна кабина е долг 5.295, широк 2.170 и висок 1.980 mm, со меѓуоскино растојание од 3.095 mm и товарен простор со должина од 1.485, широчина 1.530 и длабочина од 465 mm. Благодарение на големите тркала 315/70 R17 Nokian Rotiiva растојанието од подлогата е 290 mm и може да прегази 700 mm длабока вода. Од Isuzu наведуваат дека има извонредни теренски способности – нападен агол од 44°, излезен од 24° и агол на рампата од 32°, како и дека може да вози по бочен нагиб под агол од 49°. Предвидено е производство од само 10 примероци, кои ќе бидат достапни по почетна цена од 44.005 британски фунти.