JCB 2CX – натоварувач-ровокопач

Урбан универзалец

► Компактни димензии, ровокопач и натоварувач во едно, можност за бројни приклучоци, потоа, пространа и одлично изолирана кабина, едноставно и економично оддржување. Што може повеќе да се посака од една универзална машина?

CX – серијата на JCB е проектирана со желба да се излезе во пресрет на корисници со широк делокруг на работење. Основните функции – натоварување и копањето на ровови, можат да се надоградат со широк спектар на можности. Доволно е да се сменат приклучоците па машината од натоварувач да се претвори во вилушкар или пак од ровокопач да може да се преобрзи во бушилка, набивач или пак во ударен пнеуматски чекан.

Принципиелно гледано, комбинираните работни машини се талентирани за извршување на повеќе функциии и тоа со брзо менување на карактерот. JCB (Joseph Cyril Bamfort) тоа успешно го работи уште од 1945 година, притоа развивајќи системи, машини и приклучоци прилагодени за користење во над 150 земји распоредени на сите континенти.

Каде е напред а каде назад?

На JCB 2CX воопшто не му се потребни ретровизори, или поточно, потребни му се по два пара. Причината е што операторот може едноставно да го заротира своето седиште за 1800 и погледот да го преусмери наназад. Капацитетна челична решетка се јавува како основна носечка структура на која се монтирани погон на двете оски како и управување на сите тркала. Вторава можност иако малку ја усложнува конструкцијата, овозможува голема спретност на машината и зголемување на маневарските способности и тоа без разлика дали се користи на едната или пак на спротивната страна. Минималниот радиус на делување кој изнесува само 6.85 m ќе знае да се покаже во вистинско светло при изведбите низ тесните градски улици.

Во секој случај моторот е четрицилиндарски, современ дизел кој максимално може да истисне 75 КС (55 kW). Тој во комбинација со 83 литарски резервоар овозможува целодневно користење без потреба од додатно надополнување на гориво. Во случај кога на задната страна на JCB 2CX е вграден AIRMASTER – воздушен компресор тогаш можноста за монтирање на приклучоци додатно се зголемува.

Двострана кабина

Според добрата традиција на JCB, кабината е заштитена според високите важечкии стандадри. Добрата звучна и механичка изолација, производителот не пропушта прилика да ги истакне. Истото се однесува и на интуитивните команди и тоа како за натоварната така и за багерската страна на машината. Ако комотното сместување и пријатната атосфера пресудно влијаат врз ефикасноста на роботата тогаш на тие системи мора да им се обрне и потребното внимание – тоа е таа логика според која се води производителот.

Поради фактот што оваа машина ќе биде употребувана претежно во урбани средини, конструкторите обрнале посебно внимание кон добрата прегледност на сите страни. За таа цел и предниот капак на моторот е навален а и стаклените површини се максимизирани. Комбинацијата со двострани фарови резултира со одлична видливост на сите страни а тоа пак дефинитивно влијае врз прецизното управување со машината.

Одржување

Празниот од на машината – времето предвидено за редовно сервисирање и замена на потрошниот материјал, кај JCB 2CX е сведено на основен минимум. Сите контролни точки се групирани на едно место а производителот во договор со купувачот може да договори и посебни, продолжени гарантни рокови. Идејата е корисникот да биде посветен само на извршување на своите обврски а за останатото се грижи производителот преку посебно развиен систем за контрола и навремено доставувањето на информација и потреба од резервни делови.

Капацитети

За да се стекне вистинска претстава за физичките димензии на JCB 2CX ќе напоменеме неколку параметри: вкупната траснпортна должина изнесува 5.40 m , додека височината е 2.72 m. Оперативната тежина на основниот модел е задржана на 5.710 kg а во случај на вграден воздушен компресор таа се зголемува за стотина килограми.

Кога ќе ги земеме предвид овие податоци и ако знаеме дека товарната (самонивелирачка) лопата може да биде широка до 1.86 m и може да подигне товар на 2.99 m а багерот може да копа до длабочина од 3.05 m тогаш станува јасно дека говориме за компактна машина која располага со сериозни капацитети. Ова е уште еден еден пример дека и низ густите градски улици може да се изведуваат комунални работи а притоа да биде зафатена само една коловозна лента.