JCB 437e

Продуктивност без компромис

JCB, како производител број еден во светот на ровокопачи и натоварувачи, во својата широка производствена палета има огромен број машини – вкупно повеќе од 300, за секаква намена и употреба. Впрочем, како инаку може да се продадат над 1.000.000 машини, повеќе од било кој друг, во 60-годишното постоење на фирмата?!

Но, широката понуда ги става на слатки маки купувачите – колку и да се специфични нивните барања, нив успешно можат да ги задоволат повеќе машини. Иако која и да се избере ќе се добие докажаниот квалитет и извонредните можности, сепак вистинскиот избор влијае врз продуктивноста, бидејќи големата машина не секогаш значи и поефикасна работа. Заради тоа, компаниите често во планирањето на набавките се одлучуваат за модели од средината на понудата, кои се доволно големи за да ефикасно работат со полна пареа, но и доволно компактни за да делуваат на поголем број локации и со различен вид материјали. Ова посебно важи за натоварувачите, бидејќи премалиот нивни капацитет значи подолго потребно време за товарање, а преголемите димензии ограничена мобилност, што почесто е поважно во извршување на работата.

produit_9325

Еден таков модел, кој е доста популарен и меѓу поголемите и специјализирани компании и меѓу оние кои допрва ќе се развиваат, па треба да посветат екстра внимание на универзалноста, е натоварувачот со тркала 437e. Овој модел, наследник на веќе добро етаблираниот 436e со Tier IV мотор, својот имиџ го има стекнато со оптималниот однос на капацитетот за ракување со повеќе материјал со помалку потребно гориво. Опремен со најдобрите компоненти и кабина со големи стаклени површини која на операторот му овозможува одлична видливост, лесно управување и врвен комфор, неговата продуктивност може да се споредува со поголемите машини од гамата на JCB, додека компактните димензии – должина од 7 метри, широчина од 2,6 и височина од 3,3 метри, како и маневарските способности обезбедени од меѓуоскиното растојание од само 3 метри, височината од подлогата од 46 сантиметри и радиусот на свртување од 5,9 метри, му овозможуваат работа дури и во затворени простори.

Пресудно во производствената филозофија на JCB е ефикасната конструкција на машините, што резултира тие да се карактеризираат со извонредни перформанси, убедлив комфор и нагласена сигурност. Затоа секогаш се користат актуелни иновативни решенија, кои постојано ја редефинираат продуктивноста на машините во своите класи. Таков е и 437e, кој, конструиран со комбинирани можности, со додатоците кои му се на располагање може да понуди висока продуктивност без да се компромитираат неговите карактеристики. Z-геометријата на стрелата кај моделот со ознака ZX ја гарантира безбедноста при работењето во потешки услови и оптоварувања, додека моделот HT има стрела која се подигнува со четири хидраулични цилиндри. Лопатата со капацитет од 2,3 до 2,7 m³ може да се подигне до височина од 3.755 mm, а двојната хидраулична пумпа со варијабилен притисок во зависност од оптоварувањето обезбедува течна и безбедна работа без непотребно трошење на горивото.

jcb-436-zx_c628d

Шестцилиндричниот Cummins QSB 6.7 мотор со 129 kW (173 KS) и 801 Nm лесно се справува со работната тежина на машината од 15.255 kg, дури и кога треба да го потера до максималната брзина од 40 km/h. Потполно автоматската трансмисија ги намалува заморот на операторот и оптовареноста на погонската механика, а големите тркала поставени на ZF оски обезбедуваат максимална стабилност и сила на кочење. Осцилирачката ±10.5° задна оска ја одржува стабилноста на машината и ги задржува сите погонски тркала на подлогата, а опционалниот SRS (Smooth Ride System) овозможува полесно задржување на товарот на лош терен. И за крај, тука е и електронскиот мониторинг систем кој предупредува на секоја потенцијална системска грешка, со што се заокружува приказната за продуктивноста на оваа особена машина е меѓу најдобрите.

Ригорозните тестирања, изработката до совршеност и поддршка со резервни делови е исто во фокусот на вниманието на JCB, така што за долгиот век на активна работа не треба да дискутираме.