JCB Access

Мамо, види ме колкав сум!

Подвижните платформи на JCB се како идеални за китење елка!

Секое дете сака да порасне што поголемо, а секој човек кога ќе порасне сака да може да дофати што повисоко. Желбите на децата се исполнуваат, а за желбите на луѓето им треба мала помош – скала или дигалка. Но скалата не е секогаш практична – мора да се поместува ако се работи на поголема површина, а некои и треба да бидат потпрени некаде. Со дигалка пак не може да се пристапи секаде, посебно не во затворен простор, така што подвижните платформи за оние кои треба да работат на високо се единственото решение кое вистински ќе им помогне во работата.

Британскиот JCB во својата производствена програма ги има многу, со различна широчина и должина и различна височина до која можат да се подигнат. Во нив е вградено целокупното 70-годишно искуство на оваа компанија и се сертифицирани според CE стандардот EN280 кој го гарантира највисокиот можен квалитет. При нивното производство се употребени најквалитетните материјали и најсовремените технологии, што е неопходно за потребната безбедност во работата дури и после многу години експлоатација.

Гамата подвижни платформи на JCB се состои од дури 9 модели. Според широчината може да ги поделиме на четири групи – од 0,76 метри, 0,81 метри, 1,15 метри и 1,25 метри. Според должината и меѓуоскиното растојание пак на три групи – со должина од 1,78 метри, 2,39 и 2,76 метри. Вака гледано сите тие изгледаат мали, но најмалата од нив, моделот S1530E, има работна висина од дури 6,6 метри. Најголемата пак, моделот S4550E, досега до цели 15,8 метри, што е височина поголема од петкатница. Сите се електрични и имаат погон на двете предни тркала, кои водено се и управливи. Сопирачките пак се монтирани на задните тркала. За полнење им е потребен полнач од 100 волти и 25 ампери. Задвижувани се со електромотор од 24 волти и 3,3 киловати, додека најголемиот модел е посилен и има електропогон од 4,5 киловати. Опремени се со по 4 батерии од по 6 волти и 225, 240 или 300 ампер-часа. Тркалата им се од полна гума со димензии 305х115 или 380х125, а брзината на движење кога се склопени им изнесува 3,2 или 4 километри на час во зависност од моделот. Товарени до максималната работна височина се подигнуваат за време меѓу 15 и 85 секунди повторно во зависност од моделот, а се спуштаат за 25 до 63 секунди. Кога се подигнати се движат со безбедносна брзина од 0,8 километри на час. Имаат носивост меѓу 230 и 550 килограми, а на платформата собира двајца работници. Таа може да биде со димензии од 1,64х0,76 метри до 2,64х1,25 метри, а во склопена состојба е висока 1,1 метри. Треба да се напомене дека заради опасноста од превртување при ветер поголем дел од нив се проектирани само за внатрешна употреба – единствено моделите S2046E и S2646E безбедно издржуваат ветер со брзина од 12,5 километри на час. Притоа сите можат да се навалуваат до 3° напред-назад и 1,5° лево десно, а искачуваат нагиб од 25 проценти – само најмалата може да искачи 30%. Хидрауличниот систем со притисок од 24 мегапаскали бара 18 и 25 литри масло за работа. За крај, да споменеме дека за свртување во зависност од големината им е потребен простор од 2,98 до 5,12 метри и дека се тешки меѓу 1.330 и 3.366 килограми.

JCB во своето производствено портфолио има преку 300 машини кои се достапни насекаде низ светот преку дистрибутивната мрежа од 770 дилери.