JCB Hydradig 110W

Биди прв

Багерот Hydradig 110W, британците од JCB за прв пат го претставија на Bauma 2016. Примената на цела низа иновативни решенија на производителот му дава за право да најави дека токму овој модел ќе означи трансформaција на оваа индустриска гранка

Кога претставувањето на еден “обичен“ багер ќе предизивика толку внимание од стручната јавност, како што тоа го направи JCB со Hydradig 110W, тогаш веројатно има многи добри причини за тоа. Од името на производителот Лордот Бамфорд најавува дека конструкторите се фокусирале на пет големи поглавја: Прегледност, Стабилност, Маневарски способности, Мобилност и Оддржување.

Најавите за големи новитети во секоја од овие области се базира на иновативни решенија кои за прв пат пат се понудени во еднa машина. Деталниот преглед ќе ни овозможи да и сами се увериме во тврдењето дека овој универзален багер навистина ќе предизивика големи промени во индустријата на производство на работни машини.

Прегледност

Од позиција на операторот може да се видат сите краеви на машината, вклучувајќи ги тука и газиштето на тркалата како и рабовите на стабилизаторот и секачот. При ваква поставеност на кабината, контролата врз позицијата на работна рака и приклучениот алат, спаѓаат во категоријата на базични квалитети.

Ефикасните фарови опремени со најсовремената LED технологија, во комбинација со ниско поставените стаклени површини, овозможуваат одлична видливост и при влошени услови. Секој оператор што извршува задачи во пренатрупани урбани градилишта ќе може да се израдува на оваа особина.

Стабилност

Еден од главните предуслови за успешно извршување на работните задачи е стабилноста на носечката конструкција. Со вградувањето на моторот и двојно обложениот резервоар за гориво во самата челична шасија (а не во горниот ротирачи дел) тежиштето на машината е драматично спуштено. Додатна конструкторска финеса е распределбата на тежина по оски од идеалните 50:50. Ваквата архитектура придонесува кон зголемена стабилност како при копање така и при пренесување на тежок материјал низ градилиштето.

Мобилност

За лесно и брзо движење на Hydradig 110W се грижи современ дизелски агрегат од 4.4 литри кој ослободува 110 КС. Во комбинација со безстепенската хидростатска трансмисија компактниот багер од едно до друго градилиште може да се движи со максимална брзина од 40 км/ч.

Убава можност за прилагодување на потребната брзина претставува изборот на еден од трите начини на работа на моторот.

При изведување на работни операции посебниот creep mode овозможува најдобра искористеност на моторот при што работата при празен όд веднаш ќе биде регистрирана од страна на сензорите и автоматски ќе се намалат вртежите на моторот. Овој систем на заштеда на гориво доаѓа како сериска опрема во сите изведби.

Како може да се зголеми мобилноста покажува и наменската, 3,5 тонска приколка која покрај останатото одлично може да послужи и за пренесување на сите потребни приклучоци на машината.

Маневарски способности

Ако една работна машина може да направи полн круг со радиус помал од 4 метри тогаш таа го заслужува целото внимание на урбаните градежници. Токму тоа е случај со Hydradig 110W а заслугите одат на сметка на системот за управување на двете оски. Со него може да се одбере класичен начин на управување само на една оска, потоа вртење на двете оски спротивно една од друга и на крајот паралелно вртење на двете оски.

Ако класиката овозможува одлична управливост, тогаш спротивното вртење на тркалата ќе биде од непроценлива корист при движење низ тесните урбани градилишта, додека едновременото вртење на двете оски за ист агол ќе овозможи прецизно оперирање паралелно покрај некој голем ѕид.

Оддржување

Во опкружувањата каде што важи максимата: времето е пари, едноставното оддржување значи помало време поминато во празен од, а тоа е факт кој директно влијае на зголемување на продуктивноста. Убавината на вградување на моторот на самата шасија се огледа во лесниот и директен пристап до сите контролни точки од ниво на тлото. Конструкторот предвидува подмачкувањето на најоптеретените делови да се врши на секои 500 работни часа. За филтрите тој период изнесува 500, 1.000 или 1.500 часа и тоа доаѓа како нов стандард со кој настапува производителот. Што е најважно, состојбата на параметрите на машината, со помош на системот LiveLink можат да се следат сателитски и тоа без разлика на кој континент работи таа. Понудениот период на далечинско следење на состојбата и деловите на багерот изнесува цели 5 години.

Во наведените 5 главни поглавја не е вклучен описот на кабината и крајно поедноставените команди како и долгата листа на стандардни и специјални приклучоци кои ја истакнуваат универзалната употребливост на Hydradig 110W. Во тој контекст само ќе напоменеме дека приклучоците од екстремно популарниот JCB 3CX може да се употребат и кај новиот модел и тоа без никакви адаптери.

Најавите од домашниот увозник на JCB говорат дека ова парче најнова технологија ќе може наскоро да се најде и кај нас, и тоа веќе во октомври за кога е закажан саемот Tehnoma кој традиционално се одржува во Скопје.