JCB со поинаков пристап до купувачите

Поблиску до машините

Некои компании преземаат маркетиншки активности кои имаат за цел поинаков пристап кон купувачите за да се добие квалитетен ефект на претставувањето на производите

На една од годинешните демо-презентации присуствуваше тимот на Глобал Моторс од Скопје со дел од својот менаџерски тим и сегашни и идни купувачи. Во местото Бајмок во Војводина, блиску до српско-унгарската граница, се одржа отворен ден организиран од партнерите JCB и Terra Holding. Техничката поддршка и комплетна организација на настанот беше од Terra Србија. На настанот беа организирани повеќе програми кои можат да придонесат за промоција на JCB производите на пазарот. Една од нив беше натпреварот на ракувачи во ископ или натоварување со ист тип на машина, прочуеното шоу на JCB таканаречениот Dancing Digers кој демо-тимот на JCB со две комбинирани машини JCB 4CX го изведуваше по неколку пати во текот на денот. Посетителите имаа можност да ги пробаат новитетите на JCB од најмалиот член мини-ровокопачот од серијата 19 (мини-багер со маса околу 1,9 тони) преку препознатливиот 8026 кој е еден од најпродаваните модели, до миди-ровокопачот JCB 65-R кој го нарекуваат помал брат на легендарната комбинирка JCB 3CX, но и на една нова категорија миди-ровокопачи претставувана од JCB 100-C миди-багерот со тежина од околу 10 тони која по перформансите наметнува една нова класа машини.

Site Dumper на JCB како посебна дивизија во производството беа претставени заедно со миди-ровокопачите со една цел – да се претстави дека на мали градилишта процесот на манипулација и пренос на земја се обавува со ваквите мали дампери за кои се надеваме во блиска иднина ќе го добијат своето место под сонцето. Следеше уникатот на JCB, моделот Hydradig кој е присутен на пазарот веќе три години, но во нашиот регион е потребна поголема едукација и поквалитетна презентација а со оваа, со демонстрацијата, по сé изгледа дека е постигната целта за купувачите сами да ги почувствуваат перформансите, продуктивноста и геометријата на движењата на оваа по сé уникатна машина која ја презема multi-tool функцијата на повеќенаменски носач на секакви алатки.

Следеше демонстрацијата на сосема новиот 3CX compact (во минатото наречен 2CX) со технологијата вградена во него – променетата трансмисија од класична конверторска во хидростатска, му дава посебно место меѓу универзалните машини, особено во комуналните дејности, санациите на улици, ископи, натоварување, манипулација со товар, метење итн. Палетата на додатоци е исклучително голема, а мобилноста на машината ѝ дава огромна леснотија во користењето во урбани средини бидејќи не е потребно да се товара и има самоодна брзина ограничена на 25 километри на час, што е повеќе од доволно да се истакне пред компактните натоварувачи и над миди-ровокопачите, а сепак да е покомпактна во димензиите од класична комбинирана машина.

Следуваа препознатливиот ровокопач на тркала JCB JS175 W, а потоа класиката од ровокопачите на гасеници JCB JS220, еден бестселер во неколку изведби и варијанти од класична до долга рака (long reach верзија) со специјалниот понтонски ровокопач кој и беше сензација на настанот, така наречен JCB амфибија за да може да работи во вода за чистење на каналниот систем Дунав-Тиса-Дунав, чистење на трски и секако црпење на песок од дното на реките со двојна цел – зголемување на протокот со зголемување на проодноста на овие големи реки и спречување на излевања.

Во недостаток на вакви маркетиншки активности во нашата земја заради големината на пазарот, принципалите на Глобал Моторс одлучија на ваков начин регионално да ги претстават своите производи и да бидат поблиску до купувачите, оператерите и инвеститорите. Статичните изложувања и web-претставувањето имаат свое место во приказната, но со директниот допир до машините, дружењето, одличниот кетеринг и сите останати аспекти на оваа активна демонстрација, посетителите не ги поколебаа дождот и лошото време да бидат присутни во една ваква посебна пригода која ретко се одржува.