Стара школа, долга љубов
► Глобалниот пазар на пикапи е во пораст. Паралелно со тоа се поместува и поскапите изведби, што е добар знак за локалните производители на овие возила
Колку и да делува чудно, но така е – и покрај тоа што ваквите практични возила се потребни секому и секаде, само грст автомобилски производители владеат со глобалниот пазар на пикапи. Ги знаеме кои – тоа се јапонските марки – само тие се присутни пошироко. Надвор од Соединетите Држави мал дел отпаѓа и на американските и тоа ќе беше сé да не беше Volkswagen со својот Amarok. Но, прогнозите за блиска иднина кажуваат дека заедно со растот на овој сегмент треба да се очекуваат промени и во неговата структура. Трендовите велат дека глобално гледано сé повеќе ќе се бараат поскапи и подобро опремени пикапи, односно дека и овој сегмент ќе зачекори по патот на трансформацијата што го поминаа теренските возила. Со тоа и светскиот пазар ќе ги добие обележјата на американскиот, каде пикапите кои се национално возило чиј увоз заради сплет на историски причини е оптоварен со 25% давачки, се купуваат колку за работа, толку за чаламење.
Подигнувањето на пикапите на ново ниво неминовно ќе отвори простор и за некои други нови или непознати играчи на ова поле. Веќе се навестуваат неколку имиња, а главната ударна сила, секако, треба да се бара во Кина. Нивниот „работнички“ пристап кон овие возила прави тие да бидат груби на изглед, издржливи во експлоатацијата, едноставни (да не кажеме застарени) во механиката и евтини во цената. Уште да беа докажани, списокот идеални карактеристики што секој купувач ги очекува од пикап возилата би бил комплетен. За докажување треба време, но пред сé можност – стартната позиција Кинезите веќе ја имаат во својот домашен пазар, кој изнесува околу 350.000 вакви возила годишно. За да колку-толку имаме претстава какви се кинеските пикапи, за овој број од Г&Т се одлучивме да ви го претставиме вториот најпродаван модел кој е типичен претставник на старата школа, JMC Baodian.
Корените на компанијата која го произведува, Jiangling Motors Corporation од Нанчанг во југоисточната провинција Ѓангси, скратено JMC, се протегаат наназад до 1952 година кога започнала да работи како работилница за поправка на камиони. Со сериозен напредок стартува во 1993-та кога со Isuzu започнува заедничкиот бизнис за производство на компоненти и монтажа на возилата од оваа марка, а од 1997 година е локален партнер на Ford за производство на комерцијални возила. Во 2005 стана првата кинеска марка која се обиде да го освои европскиот пазар со теренецот Landwind, потег кој заврши катастрофално по имиџот на компанијата заради очајните резултати што на тестовите за безбедност ги покажа нивната надеж за глобална експанзија. Оттогаш сите нејзини извозни активности се обвиени со мистерија, па така иако возилата од овој производител под повеќе марки се среќаваат во доста земји од светот, за тоа тие не известуваат.
Пикапот за кој зборуваме го продаваат под своето корпоративно име JMC и е присутен на пазарот скоро четврт век иако е претставен 2002 година, бидејќи всушност е ребрендирана верзија на третата генерација на Isuzu Rodeo, кој се среќава и во Европа како Opel Campo. Има добра репутација кај домашните купувачи заради сето тоа што претходно го споменавме, а тенденција на производителот е да се докаже и со економичноста, комфорот и безбедноста. Дизел моторот е 2,8 литарски, базиран на стара машина на Isuzu и заеднички доработен со Ford, Delphi, Bosch и AVL за да ги задоволи Euro III нормите. Располага со 92 KS и 210 Nm, менувачот е петстепен, погонот може да биде на задните или сите четири тркала, а максимална брзина му изнесува 120 km/h. Постои и верзија со дволитарски бензински мотор од Mitsubishi со 114 KS за која Кинезите велат дека просечно троши 7 литри на 100 километри, додека дизелот е деклариран на 6 литри. Товарниот простор на JMC Baodian е долг 1.830 mm (на располагање е само со двојна кабина), меѓуоскиното растојание му изнесува 3.380, предните сопирачки се дискови, а задните барабани. За овој пикап Кинезите уште наведуваат и дека лимот што го употребуваат за каросеријата, дебел 1,2 милиметри, е истиот што го употребува VW за Passat и дека сите возила имаат металик боја.
Ете таков е типичниот кинески пикап. Би го купиле ли?