Клинкер цигли

За сите површини

► Клинкер циглите кои често погрешно се класифицираат како фасадни, се екстремно отпорни и прилагодливи, што ги прави идеални за многу работи вклучително и за подни облоги за сите површини околу објектите

hd_1469621946_luxhof-p45-201077-30Без разлика дали се работи за приод кон гаража, патека низ градината или пак само за тераса изложена на сонце или од сенка, многу изведувачи се сложуваат со тоа дека клинкер циглите се една од најдобрите опции за поплочување на тлото. Тие се погусти (1,6-2,2 kg/dm³), нископорозни и поиздржливи од обичните, а посебно се отпорни на водата. Материјалот од кој се прават овие цигли всушност е глина печена на посебен начин. Во текот на процесот на печење познат како синтерување кој се одвива на температура од 1.100 до 1.300 степени целзиусови, се затвораат порите на материјалот така што печените цигли скоро да и не впиваат вода. Тоа ги прави екстремно отпорни и нечувствителни на високи температури, мраз па дури и хемикалии како што се киселините. Природната керамичка боја на овие цигли која настанува при печењето е постојана и не бледее со текот на времето. Палетата керамички бои ги опфаќа боите на песокта и теракота па сé до кафеави, но можни се и мешавини на овие нијанси, како и сино-сиви комбинации. На тоа се придружуваат многуте разновидни облици и големини со различни површински структури. Постојат и таканаречените дупчести подни цигли низ чии отвори избива зеленилото на тревата – разумно решение за еколошки освестените изведувачи кои би сакале да го избегнат комплетното прекривање на тлото.

edmonton-1381

При поставувањето на клинкер циглите треба да се внимава на нивната големина и функција, како и на степенот на оптоварување на површината. Освен бојата, за визуелниот впечаток што тие го оставаат од пресудна важност е и шемата на нивното поставување. Постојат голем број варијации, кои вешто искомбинирани во мозаик или други шеми за поставување овозможуваат единствено и интересно уредување на поплочените подни површини. Поплочувањето би требало да се препушти на стручно и вешто лице, бидејќи саканиот изглед ќе се одржи долго само ако правилно се подготви теренот и стручно се изврши поставувањето на подните цигли.

Клинкер циглите врз основа на своите специфични својства се погодни за скоро сите примени, а трошоците во целост се исплатливи. Зависно од квалитетот и изведбата, треба да се смета на некои 20 до 40 евра по квадратен метар. Оваа подлога не бара никакво посебно одржување – за чистење е доволен само дождот. Местата до кои тој не допира можат да се по исчистат со црево за вода или со апарат под притисок.

bg-reportage01