Komatsu D575A

Големо, поголемо, Komatsu…

И уште: големо, поголемо, D575A – најголемиот булдожер во светот

Komatsu има и мали, ама е познат по големите машини. Но ако за малите машини на овој јапонски производител можеме да кажеме дека се мали (најмалиот булдожер, на пример, има 4 тони оперативна тежина), за големите не можеме да кажеме дека се големи бидејќи всушност се огромни. Доказ е најголемиот модел во гамата, 150-тонскиот модел D575A. Тој попрецизно има оперативна тежина од 152,6 тони, со кои го заслужи називот супердозер и со кои е најголемиот булдожер во светот. Проектиран е и се произведува во погоните на Komatsu концернот во Токио и Осака. Како прототип со ознака D555A и мотор од 1.000 коњски сили за прв пат на јавноста беше прикажан во 1981 година на Conexpo изложбата во Хјустон, Тексас. Но иако недвосмислено го привлече вниманието на големите рударски компании, економската ситуација во тој момент не дозволуваше да започне да се произведува. Развојот мируваше неколку години, за во 1989 година да започнат финалните тестирања. Првата негова сериска верзија се појави во 1991 година со 12-цилиндричен Komatsu SA12V170E мотор со работна зафатнина од 46,3 литри и максимални 1.150 коњски сили.

Стандардниот нож на Komatsu D575A има височина од 3,63, широчина од 7,4 метри и со него може да поместува 69 кубни матери материјал во еден потег. Кому ова му е малку, овој супербулдожер може да биде опремен со нож со големина од 96 кубни метри. Погонот, нормално, му е на гасеници кои имаат површина од 9,43 квадратни метри, со што притисокот што го остварува на подлогата изнесува 160 kPa. Трансмисијата му е автоматска тристепена со која остварува максимална брзина од 12 километри на час нанапред и 13,8 наназад. Гигантски му се и димензиите – должината од 11,72 метри и висината од 4,88 метри, а има клиренс од 745 mm. Заради ваквите габарити и тежината Komatsu D575A се транспортира размонтиран, со 6 до 8 камиони. Во резервоарот собира 2.100 литри гориво, во системот за ладење 298 литри антифриз, а во моторот 129 литри масло. Хидрауликата има 300 литри масло, за финалниот пренос требаат по 160 литри од секоја страна, а трансмисијата уште 345.  Хидрауликата на машината овозможува ножот да се повлекува кон кабината или да се наведнува кон тлото при вкопување, што доста ја олеснува работата. Кабината на операторот е опремена со клима уред и радио, а командувањето е преку педали и два џојстика.

Главната намена на D575A е употреба во површинските рударските копови во Северна Америка и Австралија, додека многу ретко може да се сретне на градилиштата. Најмногу ги има во рудниот за јаглен Alpha Natural Resources во Апалачија, Западна Вирџинија – дури 17. Стручњаците од оваа област велат дека неговата продуктивност во споредба со најблиските конкуренти е скоро двојно поголема.