Komatsu eDumper

123-тонски перпетуум мобиле

Запознајте се со најголемиот електричен камион во светот кој произведува повеќе струја отколку што ја троши

Швајцарски конзорциум на компании активно работи на довршувањето на проектот на најголемото електрично возило на светот – дампер од 58 тони кој може да товари 65 тони материјал и притоа да создава повеќе енергија отколку што ја троши. Како е тоа можно? Едноставно, но дозволете ни прво да ви го претставиме овој камионски перпетуум мобиле. Тој располага со 1.440 никел-магнезиум-кобалт ќелии кои заедно ја сочинуваат 4,5 тони тешката батерија со вкупен капацитет од 700 kWh. Тие заедно со електромоторите се вградени во расходуван Komatsu HD 605-7 дампер кој ќе има за задача по дваесетина пати дневно да пренесува суровина од каменоломот Ла Чарнер на планината Јура до цементарата во Бил која се наоѓа на нејзиното подножје. За совладување на угорницата која има нагиб и до 13 степени празниот дампер троши 30 kWh струја, но затоа со регенеративното кочење при спуштањето надолу, благодарејќи на двојно поголемата тежина, тој произведува 40 kWh. Тоа значи дека ова чудо е способно дневно да создаде екстра 200 kWh енергија и притоа да не испушти ни грам CO₂.

Овој eDumper сé уште е експериментален проект, кој треба да покаже колку добро батериските ќелии ќе се носат со вакви екстремни задачи во исклучително тешки услови за работа, посебно со прегревањето и спонтаното запалување. Ако ги задоволи ригорозните тестови, швајцарскиот производител на цемент Vigier планира да вработи осум вакви дампери.