LDV EV80

Британскиот LDV се враќа на сцената

Баксузниот британски производител на доставни возила се враќа во живот со помош на Кинезите и електриката

Со амбиции за враќање на некогаш освоените пазарни територии но и заземање нови, поранешната британска марка доставни возила LDV ја подготви електричната верзија на моделот V80. Со автономија од 350 до 400 km, ова доставно возило со нулта емисија издувни гасови ќе биде интересно за службите за дистрибуција во големите градови кои сé повеќе го ограничуваат движењето на комерцијалните возила низ урбаните центри. За погон е задолжен електромотор од 100 kW и 320 Nm кој се напојува од литиум-јон-фосфатни батерии со капацитет од 75 kWh. Декларираната автономија се однесува на возење на полно оптоварено возило со константна брзина од 40 km/h, додека во реалноста таа се движи меѓу 170 и 200 km во услови на градско возење. Времето на полнење на батериите со специјален полнач изнесува само два до два ипол часа, а носивоста на возилото меѓу 900 и 1.250 kg во зависност од верзијата. Ќе се произведува со две должини и две меѓуоскини растојанија, како фургон или шасија со кабина. Се очекува да чини некаде околу 35-40 илјади фунти, што е двојно повеќе од стандардно доставно возило со слична големина, но ќе има пет години или 200.000 милји гаранција со вклучена асистенција на патот.

LDV-EV80

Ова возило кое потекнува од 2004 година има бурна историја – како и самата марка. Таа е настаната во 1993-тата со одвојување на одделението за производство на доставни возила на Leyland DAF кога холандската компанија отиде во стечај. Со два модела базирани на возила развивани во седумдесеттите, дотогашното раководство стана сопственик на капацитетите и успешно продолжи со работа сé до крајот на 2005 година, кога банкротираше. Тогаш рускиот GAZ во оваа марка виде потенцијал за остварување на своите европски амбиции но и за замена на сопствената застарена технологија со малку помодерната британската и го презеде сопствеништвото. Но, недостатокот од долгорочни инвестиции и недоволната посветеност, заедно со претстојната економска криза пресудија и LDV повторно отиде во стечај во 2009-тата. Една година подоцна имотот на компанијата заедно со правата за користење на ознаките се преселија во Кина, каде од 2011 година се под капата на големиот SAIC.

EV-Cab-Chassis2Моделот V80 е развиван пет години заедно со Daewoo, за што беа потрошени 500 милиони фунти. Изворно тој требаше да се произведува во Полска, но откако Daewoo пропадна LDV ги откупи алатите и го лансираше во 2004-тата како свој модел под ознаката Maxus. Интересен беше за Русите но повеќе за Кинезите, кои го оживеаја во 2011-тата под сегашната ознака. После успешната ревитализација на производството, се започна и со негов извоз во Австралија и Нов Зеланд, за полани да стигне во Ирска, а лани и во Велика Британија. Сега неговата електрична верзија се најавува како просперитетен новитет со кој ќе се освојува и европскиот пазар, на кој LDV никогаш немал позначаен успех.

Покрај V80, Кинезите произведуваат и уште едно, нешто помало доставно возило со ознака G10.