Levitate Airframe

До 80% помали напрегања на работниците

Настанати како резултат на истражувањата во автомобилската индустрија, егзоскелетите можат во огромна мерка да ја унапредат продуктивноста на градежниците

Градежништвото првенствено се базира на рачната работа, што значи дека целиот товар паѓа на плеќи на работниците – во буквална смисла на зборот. Современата наука во соработка со истражувањата од областа на новите материјали имаат шанси тоа од корен да го сменат. Не се работи за некаква автоматизација на процесите како што со децении наназад досега беше тренд, туку за лесна структура наречена егзоскелет која работникот ја носи на себе. Според податоците на еден од лидерите во оваа напредна област, американската компанија Air Power Manufacturing Solutions, нивниот производ наречен Levitate Airframe ги намалува напрегањата на рацете, рамењата, вратот и грбот на работниците и до 80%. Неговата конструкција е базирана на човечката анатомија и тој со своите потпорни точки овозможува тежината која ги оптоварува мускулите на овие делови на телото да се пренесе на скелетот на места кои подобро ја поднесуваат тежината. Шестгодишните истражувања покажаа дека секој што еднаш го пробал веќе не сака да го симне, што за работниците значи помал замор и подобро здравје, за работодавачите помали трошоци за нивна здравствена заштита, а за државата заштеди во социјалните и пензиските фондови во случај на професионални заболувања и инвалидитет.