Liebherr A 910 и A 912

Два нови Stage V компактни багери од Liebherr

► Liebherr претстави два нови багери на тркала чии оптимизирани капацитети во комбинација со компактните димензии нудат максимални перформанси и флексибилност на сите градилишта

Без разлика дали се работи за градилишта кои се изведуваат на ограничен простор во урбаните центри, изградба на патишта или класични земјени градежни работи, багерите на тркала се идеални асистенти за тоа. За уште поголеми нивни перформанси и флексибилност, заедно со прилагодувањето кон новите Stage V стандарди за издувните гасови, Liebherr спроведе бројни оптимизации кај двете свои најмали машини во компактната класа. А 910 има работна тежина од 12.100 до 13.100 kg и моќност од 116 KS, а А 912 13.000 до 14.200 kg и 122 KS. Четирицилиндричниот Deutz мотор од 3,6 литри познат по својата мала потрошувачка на гориво сега е и поеколошки, а за повисока енергетска ефикасност Liebherr изврши и серија оптимизации на погонските компоненти со кои се овозможува работа на машината во опсегот на најниска специфична потрошувачка. За заштита на луѓето и животната средина, строгите законски стандарди за емисиите се постигнати со користење на иновативен систем за контрола на издувните гасови кој комбинира катализатор за дизел оксидација, филтер за цврсти честички и SCR каталитички конвертор за намалување на азотните оксиди.

Заедно со тоа, зголемен е и контра-тегот што резултираше со за околу стотина килограми поголем капацитет за подигнување при максимално развлечена стрела. Тоа во исто време обезбедува и подобра стабилност при динамични движења. Со цел таа дополнително да се зголеми, двата багера се достапни со различни потпори. Цврстиот радијално воден плуг служи како идеална помош за стабилноста на меко и песочно тло благодарение на големата контактна површина, а со индивидуалната контрола подобрено е и порамнувањето на багерот, особено на нерамен терен.

Најголемите предизвици на операторите на ваквиот тип машини во урбаните средини се ограничените просторни услови на градилиштата. Токму за ваква употреба, компактните багери на тркала на Liebherr се конструирани со краток заден ден – замавот на опашката изнесува само 1.675 mm. Покрај тоа, радиусот на предниот замав е намален за уште 70 mm, така што целиот круг е под пет метри. И покрај компактните димензии А 910 и А 912 имаат големи сили за копање, заради што се погодни за универзално користење на секое градилиште. Опционалното управување на сите тркала нуди значително зголемени маневарски способности и флексибилност, што ги прави погодни за работа и во затворен простор за каде предните и задните тркала се свртуваат во спротивна насока, обезбедувајќи мал радиус на вртење. За странично задвижување на багерот, пак, тие се свртуваат во иста насока.