Liebherr Crawler Cranes LR1300 Litronic

Тежина подигната високо

► Често пати се прашуваме како се подига голема тежина на големи висини и тоа на некој непристапен терен! Кои се тоа дигалки и каде им се поставени лимитите?

Во последно време се почесто се среќаваат големите ветерници кои произведуваат електрична енергија од силата на ветерот. Најчесто се поставени на сртовите на високите планини и тоа не по една туку по цела низа, односно како што вообичаено ги нарекуваме, енергетски паркови. Нивната работа е тесно поврзана со перфектна избалансираност што пак задолжително значи прецизна монтажа на тешките составни делови. Токму за изведување на тој тип на работи потребна е и соодветна механизација.

Liebherr-LR13000-9705

На ова поле Liebherr навистина има што да понуди. Заедно со својот бренд Litronic во понуда имаат широка палета на авто-кранови како и кранови поставени на гасеници.

Токму вториве се познати како посебна “LR” серија. Во приликава ќе се обидеме да ги претставиме можностите на моделот LR1300 кој во поглед на подигнувачките капацитети е поставен некаде во втората половина од моделската хирерархија на фирмата.

Високо, високо…

Крановите од “LR” серија се испорачуваат во разни комбинации на вертикалната и L-работната рака. Максималната носивост на кранот е рамно 300 тона со височина на подигнување од 4.5 м. Во зависност од спецификите на работните задачи се прилагодуваат и параматерите на машината. За да се стекне вистинска претстава за капацитетите на овој кран ќе дадеме неколку примери: во случај да треба да се подигне товар на височина од само 8 метри, кранот може да се оптерети со 117 t. Во друг случај ако потребната височина за подигнување изнесува цели 134 метри, дозволената тежинска оптеретеност изнесува 42 тона.

Liebherr-LTR1220-9863Професионалците што се бават со дадената проблематика знаат дека со потребата за подигнување на поголема височина опаѓа максимално дозволената тежина, па така од приложените табели на производителот може точно да се пресмета максималниот капацитет за подигнување на товарот. Дека кранот на гасеници LR1300 навистина располага со огромни можности говори и податокот за максималната височина на конструкцијата од над 200 метри и оперативна висинска комбинација од 172 метри.

Оперативната тежина на машината изнесува 124 t со централен баласт од 57 t а максималната тежината на додатниот контратег изнесува 120 t.

Притоа опремата која се користи (контратегови, макари, сајли, …) е изработена од фирмата Derrick Equipment, што претставува гаранција за долготрајност на тие основни компоненти. Интересно е да се спомене дека контратеговите се поставуваат на посебни преносни платформи што гарантира лесна прилагодливост спрема специфичните потреби на зададените работни задачи.

MobileCranes_Showcase

Инаку, самата машина е поставена на гасеници чиј распон изнесува 4.78 метри. За погон се користи шестцилиндерски дизел од најновата генерација кој испорчува 523 КС. Машината лесно ги совладува и најтешките терени движејќи се заедно со приклучната опрема.

Иако на прв поглед бројките делуваат застрашувачки, операторот го ужива целиот комфор потребен за прецизно управување со машината, и згора на тоа неговата кабина е максимално заштитена од можни незгоди.

Уште еден момент е од исклучително значење кај крановите кои оперираат со голем товар на големи височини, а тоа е стабилноста на товарот. За избегнување на ударите на ветерот и занишување на кранот, машината е опремена со стабилизатори кои ќе знаат веднаш да го пригушат опасното клатење.