Булдожерскиот дел од моќното трио
Големиот булдожер на Liebherr, заедно со багерот R9400 и дампeрот T236, го комплетира триото наменето за најтешките физички работи карактеристични за рударството и површинските копови
Рударството е специфична и прилично тешка работа. Поимот тешка, во овој случај треба да се сфати буквално. Таму се работи со ископ, померување и транспорт на руден материјал кој надминува 100 тони по еден транспортен циклус. За извршување на оваа мускулеста дејност потребна е и адекватна механизација која во основа треба да биде составена од багер/натоварувач, булдожер и дампер.
Во случајов ќе се задржиме на булдожерскиот дел од екипата кој го сочинува Liebherr PR 776 Litronic. Со оперативна тежина која се движи помеѓу 64.747 и 73.189 kg, со секало со капацитет од 18,0 до 22,0 m³ и со моќен распарувач, тој е подготвен да му помогне на натоварувачот ефикасно да ја заврши задачата. Останатите апликации, како што се рамнењето на терен или пак преместување на материјал, за булодожерот на Liebherr го претставуваат поедностевниот дел од работата.
Под цврстиот оклоп се крие паметна електроника
Во основа кога говориме за конструкција на булдожерите мислиме на тракторска архитектура. Разликата во однос на останатите машини со погон на гасеници, се прави со „триаголната“ конфигурација на гасениците од која само задниот горен назабен цилиндар е погонски. Кај PR 776 туркачкото секало е поставено многу близу до носечката структура со што машината добива на цврстина но и на прецизност при оперирањето.
Кога погледот ќе се усмери под робусниот челичен оклоп, се открива вистинска ризница од најсовремени технолошки решенија. Екстра штедливиот мотор е опремен со ECO функција, па така операторот може да бира помеѓу штедлива работа или пак испорака на максимални перформанси. Преносот е електростатски, се одвива без прекини и на двете страни истовремено, и повторно, под надзор на контролната електроника. Притоа преносот на двете страни е независен што овозможува прецизно управување и посветеност на операторот кон останатите фунции. Во зависност од оптоварувањето, електрониката го регулира генерирањето на потребниот работен притисок, факт кој повторно оди во прилог на штедливоста на машината.
Сеприсутната електроника води надзор и над работата на системот за ладење со што се обезбедува секогаш оптимална температура на моторот и хидрауличната течност. А знаеме дека кога моторот работи под оптимални температурни услови тоа директно се одразува на неговата долговечност.
Deluxe кабина
Лаичкиот посматрач тешко може да претпостави дека во машина со вака импозантни димезнии и изглед, операторот може да ужива целосен комфор во својот работен простор. Но развојот на технологијата, управувањето со големите машини го чини лесен како видео игра.
Во прилог на тоа тврдење ќе кажеме дека операторот има одличен преглед на сите страни, а за движење наназад на помош прискока видео камера. Седиштето има вградена воздушна суспензија и може да се подесува во сите правци. На екранот кој е чувствителен на допир може да се отчитаат најважните работни параметри. И сега доаѓаме до најважниот детал: сите функции се контролираат со помош на само еден „џојстик“. А кога тој е во неутрална позиција автоматски се активира паркирната сопирачка.
Со оглед на природата на работата, исполнувањето на високите безбедносни стандарди е сосема очекуван момент. Беспрекорно чистиот воздух во кабината се должи како на темелното филтрирање исто така и на одржувањето на постојан надпритисок што додатно го спречува влезот на прашината.
Перформанси
Дизел моторот од сопствено производство со работен волумен од 24,2 литри е изведен во V12 конфигурација која е прилично ретка кај овој тип на работни машини. Тој при релативно ниските 1.600 врт/мин ослободува максимални 768 КС. Кога булдожерот се движи напред маскимално забрзува до 9 км/ч додека движењето наназад се изведува со брзина која достига до 10.5 км/ч. Уште поважен податок од овие е тоа што машината со оперативна тежина од седумдесетина тони (зависи од обликот и димензиите на секалото и распарувачот) се движи многу меко и оперира со леснотија. Прецизното управување се должи на независната испорака на хидростатскиот притисок на секоја страна посебно.
За да се стекне впечаток за вистинските димензии ќе споменеме неколку бројки: максималната височина на кабината изнесува 435 cm, вкупната должина (со вградени преден и заден приклучок) досега до полни 10 метри, а широчината до точно 483 cm.
И повторно да се вратиме на основната намена на булдожерот, а тоа секако е поместување на ископаниот материјал и подготовка за натоварната лопата истиот да го смести брзо и ефикасно во дамперите. Токму тоа Liebherr PR 776 Litronic го прави на најдобриот можен начин: ефикасно, економично и безбедно.