Liebherr PR726 Litronic

Моќен булдожер спакуван во компактни димензии

► Со оперативна тежина од максимални 20.100 kg и капацитет на секалото од 4,27 m³ компактниот булдожер на Liebherr користејќи современ дизел мотор од 190 КС е подготвен за ефикасно поместување на теренски материјал

Liebherr е еден од ретките светски производители кои во своите машини вградува само компоненти од сопствено производство. Таквиот пристап подразбира вклучување на капацитетни развојни центри, факт кој имплицира поседување на извонредно голема инженерска основа, што пак од друга страна значи и врзување на големи финансиски средства. Убавата страна на тој типично германски пристап е што секоја машина од почеток до крај е сопствено дело, а тоа признаваме е доволна гаранција за врвен квалитет.

Токму таквиот пристап е искористен и кај булдожерот PR726 кој е конструиран и изграден во развојно-производните погони на Liebherr. Дали е потребно да се нагласи темелноста со која е обдарен компактниот булдожер кој е претставен пред неполни две години а уште тогаш ги исполнуваше сите еколошки стандарди кои на сила ќе стапат дури за две години.

Хидростатика наместо механички компоненти

Моќен хидрауличен систем е задолжен за задвижување на сите системи на машината. Всушност залудно е некој да бара механички пренос, конвертори на вртежен момент, спојки, менувачи. Сето тоа едноставно го нема, наместо нив се вградуваат хидростатски мотори.

Со нивна помош се движи машината, се вршат примарните операции, се сопира, се управува со булдожерот. Освен што е едноставен овој систем дава многу подобри резултати во ефикасноста, а тоа во денешно време е предност која сите се стремат да ја достигнат.

Во постигнување на „светата“ ефикасност своја несебична помош пружа и контролната електроника која го оптеретува погонскиот мотор во зависност од оптoварувањето.

Еколошка прифатливост на погонскиот мотор

За погон на PR726 Litronic е употребен, се разбира нели, мотор од сопствено производство. Од четири линиски цилиндри и работен волумен од седум литри, истиснува максимални 190 КС.

Овој резултат сам по себе не е спектакуларен, но притоа треба да се знае дека совре мениот дизел ги исполнува најстрогите Stage IV/Tier 4f еколошки норми. Благодарејќи на вградениот SCR (Selective Catalytic Reduction) моторот постојано работи во најефикасен температурен режим. Додатно, можноста за бирање на модот ECO го намалува бројот на вртежи на моторот, штедејќи така гориво.

Останатите механички перформанси го следат примерот на современиот мотор. Примерната стабилност се должи на ниско поставеното тежиште на носечката структура која е изградена по систем на боксови. Сепак, најниската точка (клиренсот) е задржан на високите 429 mm што гарантира одлична проодност.

Впечатокот за компактна машина е предизивикан од димензиите: вкупната должина (без приклучоци) изнесува 4.180, широчината е задржана на 2.360, а височината достигнува до 3.205 mm.

Во тие димензии се крие голем капацитет за поместување на терен, и тоа во 2D и 3D формат. Максимална ефикасност му овозможува на сопственикот додатен приход, а докажаната доверливост додатно оди во прилог кон одлуката за набавка на машината.

Пространа кабина, едноставна употреба

Работното место на операторот е целосно наново проектирано. Кабината сега е попространа, поосветлена и попријатна за целодневен работен престој. Седиштетото на операторот може да се прилагодува во сите правци, а згора на тоа има и систем за амортизација. Делумно поради тоа а делумно и поради икслучително тивкиот мотор, во кабината не допира речиси никаква бучава.

Командите се логични поставени и доволна е само една палка за да се контролира работниот циклус. Зголемената видливост на сите страни заедно со сериско поставените светлосни групи овозможуваат одличен преглед на ситуацијата.

Зголемувањето на сервисните интервали е уште една особеност која ја истакнуваат од Liebherr. Моторот е предвидено да се сервисира на 2.000 работни часови додека системот за хидраулика треба да се освежува со нова течност на секои 8.000 часови.

Пристапот до дневните контролни точки се одвива во една, групирана точка, додека за поголеми сервиси кабината хидраулички се навалува со што на сервисерите им се овозможува брза интервенција.

По согледување на сите решенија навистина останува многу малку простор за коментар – PR726 е современо, економично и благодарно парче нова технологија.