Liebherr R 946 Litronic

Хармонизирана механика

Големиот багер на Liebherr преку синхронизирана работа на двете хидраулични пумпи ја хармонизира работата на механичките компоненти, овозможувајќи максимален притисок за истовремено изведување на повеќе операции

Опремен со нов дизелски мотор кој ги исполнува најстрогите Stage IV/ Tier 4f еколошки стандарди, Liebherr R 946 на своите корисници им се нуди во три варијанти на носечката структура. Корисниците можат да одберат помеѓу стандардната работна рака (645 cm), линиската работна рака (680 cm) како и дводелна работна рака со вкупна должина од 740 cm. Со овој пристап производителот цели кон исполнување на корисничките потреби за изведување на разни, специфични работни задачи.

Во истата насока, инженерите се потрудиле да обезбедат и голем избор на опрема, а што е уште поважно, и широк спектар на приклучоци со што се заокружува универзалната употребливост на R 946.

Нов дизел мотор

Liebherr користи погонски мотори од сопствено производство. Кај R 946 говориме за современ 6 цилиндерски дизел со работен волумен од 10.52 литри, кој користи турбо полнач што работи во две фази. Чистиот издув го обезбедува SCR уредот со што е избегната потребата од вградување на DPF филтер за партикуларни честички. Контролната електроника се грижи претварањето на механичката (максималана моќност од 299 КС) во хидростатска сила да се конвертира со најмалку загуби со што се постигнува помала потрошувачка на гориво. Тоа воедно значи и поголема ефикасност при извршување на зададените апликации, било да се рачуна во работни часови или вложена енергија при преместување на тони материјал на час.

Останатите механички компоненти како што се менувачот, погонот за ротирање, погонскиот склоп како и работните пумпи и хидрауличните цилиндри, исто така се дизајнирани и произведени од Liebherr. Тоа е доволна гаранција за компатибилноста на компонентите а воедно и гаранција за корисникот дека добива доверлив производ со долги сервисни интервали.

Првокласен работно место

Во Liebherr R 946 Litronic операторот ужива првокласен комфор. Кабината е монтирана со помош на посебни заковки изработени од еластичен материјал, факт кој придонесува вибрациите да бидат сведени на минимум а бучноста во кабината да изнесува само 72 dB што е на ниво на патничките возила. Додатно на тоа, комфорното седиште има и воздушни амартизери а и самото седиште во лумбалниот дел може да се подесува исто така преку пнеуматски перници.

Производителот посебна ја истакнува одличната видливост која се должи на големите стаклени површини но и на вградените камери кои го покриваат целото видно поле (3600). Ефикасната климатизација и наново дизајнираните командни палки несибично го даваат својот придонес кон пријатниот работен амбиент.

Гледано од аспект на практичност и функционалност добро е да се споменат и можноста за пратење на сите зададени работни параметри кои во случај на неправилност веднаш се испишуваат на LCD екранот. Исто така операторот без напуштање на своето работно место, може да ги менува разните приклучоци кои му се на располагање – тој едноставен систем на замена во Liebherr го нарекуваат Likufix. Како пример на едноставната промена на приклучоците нека послужи и податокот кој вели дека таа операција се врши за неполна минута. Едноставно кажано, разните корпи чиј капацитет се движи помеѓу 1,00 и 3,00 m3 можат да бидат лесно заменети без притоа непотребно да се губи драгоцено време.

Големa машина со едностaвно одржување

Оперативната тежина на машината, во зависност од конструкцијата и приклучоците варира помеѓу 38.750 и 47.800 kg. Транспортните димензии (за стандардната работна рака), со вкупната должина од 11.400, височината на кабината од 3.185,  широчината на гасениците од 3,255 mm., ја дополнуваат сликата за рабусноста на конструкцијата.

Едноставната дневна контрола на состојбата на течностите била една од главните идеи при конструкцијата на оваа машина. Таа се изведува на едноставен начин од ниво на тлото и одзема многу малку време. Од друга страна продолжените временски интервали на замена на делови и течности претставува предизвик за секој производител. Во Liebherr се достигнати до ниво хидрауличната течност да ја менуваат на 8.000 работни часови додека маслото за моторот на 2.000 часови.

Голема конструкциска предност претставува и одсуството на DPF филтерот и негова замена со оригинална SCR технологија која, и покрај задоволување на најстрогите еколошки норми, не бара посебно одржување. Ако овде го додадеме и централниот систем за подмачкување кој од едно место дава преглед на целокупната состојба, лесно доаѓаме до заклучокот кој недвосмислено ни се наметнува: Liebherr R 946 Litronic се одржува лесно и едноставно. Тоа е машина која ќе знае да возврати многукратно за вложените средства.