Електрична помош за 100-тонскиот камион
Од своето концептно претставување пред точно година дена, камионот на Liebherr сеуште ги бранува технолошките духови. Причините се јасни: нивото на вградена технологија ги надминува сите досегашни важечки стандарди. За Liebherr T 236 кој во редовна продажба ќе се појави во 2018 веќе се прави подолга листа на чекање
Да потсетиме, новиот камион, T 236 на Liebherr припаѓа на 100-тонската класа. Ништо необично, би се рекло на прв поглед. Во производната програма на Германците постојат и помали но и камиони кои можат да понесат двојно поголем товар.
Но, овој камион е сосема поинаков од нему сличните. Покрај целосно новиот дизел во него се вградува и Litronic Plus Generation 2 системот, како и целосно нов менаџмент и управување со хидрауликата.
Дали говориме за хибридна технологија?
Целосно новиот дизел мотор е развиен во француските погони на Liebherr и се издвојува со неговата модуларна изведба. Во случајот на T 236 говориме за V12 конструкција која развива поприлични 1. 217 КС. Но тоа ниту од далеку не е единствената нова технолошка новина во импозантниот камион.
Паралелно со дизелот е вграден и електричен погон кој енергијата ја црпи од четирите сопирачки. Имено, при инерцијални сили или при сопирање, четирите ретардери вградени на краевите на двете оски силите на триење ги претвараат во електрична енергија која потоа се складира во системот и по потреба се користи за погон. Така при одредени услови се случува воопшто да не се троши гориво.
Оваа технологија веќе две децении ја сретнуваме во автомобилската индустрија, но имплементација во 100-тонски камион претставува апсолутна новина. Бенефитот од вградувањето на целосно нов погонски систем е јасен: драматично намалу намалување на трошците изразени преку чинењето на превозот по количина пренесен материјал.
За да не остане само на новиот погон, конструкторите на Liebherr, во T 236 вградуваат и нов систем на хидрауликата. Сега пумпите не продуцираат линеарен притисок туку тој се генерира спрема моменталната оптеретеност на камионот. Како бонус на вгардената висока технологија, сите компоненти – кои се од сопствено производство – се дизајнирани да функционираат по секакви временски услови, а воедно и да се сервисираат во подолги сервисни интервали.
Капацитети
За да не ја заборавиме основната „дејност“ на T 236 да напоменеме дека тој е способен да носи товар од рамно 100t што покрај сопствената тежина од 80t резултира со вкупна тежина од импозантни 180t.
Максималната брзина која ја постигнува изнесува 55 км/ч, податок кој гарантира брз и ефикасен работен циклус. Сето тоа под суровите услови кои владеат во каменоломите и површинските ископи.
Кога говориме за новиот T 236 треба да се земе прдвид и комбинацијата на натоварувачи со кои се постигнува највисок ефект. Како идеални партнери експертите на Liebherr ги посочуваат натоварувачите од „R“ серијата: R 9100/R 9150/R9200 и R9250.
Иако однадвор со импозатни димензии, откако операторот и буквално ќе се искачи до своето работно место, по влегување во кабината ќе ги ужива сите благодети на перфектно изведената ергономија. Одличната атмосфера во темелно изведената механичко/акустична кабина, му овозможува престој преку целиот работен ден без притоа да почуствува ниту минимум од суровата работна средина во која оперира.
Точната спецификација на редовните сервиси, во моментов немаме можности да ви ја соопштиме, но со оглед на најавите при неговото претставување при што се говореше за продолжени сервисни итервали и зголемена издржливост на сите склопови, воопшто не би требало да се сомневаме дека станува збор за воспоставување на нови стандарди во класата на 100-тонски камиони.