MAN Lion’s Coach

Десетта титула за MAN

На саемот Busworld Europe 2019 беше доделена наградата „Автобус на годината”

Меѓународното новинарско жири го прогласи новиот MAN Lion’s Coach за меѓународен автобус на годината. Престижното признание му беше доделено на германскиот производител на саемот Busworld, кој оваа година за прв пат се одржа во Брисел. Овој високоподен туристички автобус ги одушеви 22-цата члена на жирито со добриот однос на опремата и цената, високото ниво на удобност, тивкото возење, пространиот патнички простор и силните мотори. Исто така, MAN Lion’s Coach е првиот туристички автобус кој има камери место ретровизори. Тој беше еден од петте кандидати кои се бореа за престижната титула. Производството со полна пареа му се одвива во MAN-овата фабрика во Анкара.

Од секој детаљ е видлива припадноста на брендот, нагласена со линиите кои ја сочинуваат силуетата на лавот, симболот на MAN. Доаѓа во неколку верзии, со познатиот шестцилиндричен 12,4 литарски дизел мотор со различни силини (430, 470 или 510 KS). Најкраткиот модел е долг 12,1 метар, следи должина од 13,1 метар, а гамата ја заокружуваат верзиите со три оски и должина од 13,36 и 13,9 метри. Во зависност од изведбата има капацитет за 53, 57, 59 или 63 патници и простор за багаж со волумен меѓу 11,7 и 14,3 m³. За удобност и ефикасност во возењето е опремен со 12-степен автоматизиран MAN TipMatic менувач со интегриран ретардер. Големо ниво на ефикасност е постигнато со оптимизирање на движењето и преносот, заедно со неколку безбедносни системи за помош на возачот. Така, овој автобус доаѓа опремен со ESP, EBS, ASR, JLS, ACC, EBA системите, како и со темпомат со BrakeMatic и автоматски Distance Control систем кој во комбинација со EfficientCruise и EfficientRoll функциите чија работа се темели на топографијата, штеди доста гориво.

Ова е за MAN вкупно 10 титула за автобус на годината, која една година се дава за градски, а друга за туристички автобуси.