MAN TGE

Кога ќе пораснам ќе бидам…

Нашиот народ е снаодлив, но не до толку да натурка камион во тесна уличка

Ако, на пример, разнесувате леб или млеко низ маалските продавници, тогаш камионите од која и да се тежинска категорија едноставно се прегломазни – ниту може да се искористи нивната носивост, ниту пак било која друга предност што ја имаат над доставните возила. Напротив, нивните габарити само ќе пречат – нема да може да влезат во секоја уличка, а и таму каде ќе влезат нема да може да се паркираат пред секоја продавничка. Затоа постојат доставните возила, кои, на жалост на транспортерите, ги нема со марките на кои им се верни – освен Iveco, а со исклучок на Renault и Mercedes кои произведуваат сé што има тркала, никој од производителите на тешки возила се нема осмелено да навлезе во секторот на комбињата. Сé досега, кога MAN користејќи ги можностите што конгломератот VW му ги пружа, се реши под своите ознаки да го понуди моделот Crafter, актуелниот носител на титулата „Ван на годината“.

P_Van_EOT_TGE_2

Јасно е дека се работи за негов близок роднина, кој ќе се произведува во истата сосема нова фабрика во Полска. Но исто така е јасно и дека за разлика од Volkswagen, TGE како што ќе се вика доставниот модел на MAN, во своите гени ќе има вградено камионски искуства. Теоретски, пристапот од различна гледна точка може да донесе само позитивни нешта. Кои точно, од MAN сé уште не соопштуваат. За разлика од VW, кој објави доста детали за Crafter, производителот од Минхен е попретпазлив бидејќи знае дека гази по за него непознат терен, кој може да биде многу лизгав.

Според досега познатите податоци, MAN TGE ќе биде достапен во неколку различни верзии (фургон, комби со застаклени страници, камионче или шасија со единечна или продолжена кабина) во категориите од 3 до 5,5 тони вкупно дозволена маса, со две меѓуоскини растојанија (3.640 или 4.490 mm), три должини (од 5.986, 6.836 и 7.391 mm) и три висини (2.355, 2.590 и 2.798 mm). Ќе има товарен простор со максимален капацитет од 18,4 m³, или пак седишта за деветмина. Новиот Еуро 6 мотор е развиен на база на веќе добро познатиот дволитарски TDi на VW со работна зафатнина од 1.968 cm³. Ќе биде достапен со 102, 122, 140 и 177 KS со 6-степен мануелен или 8-степен автоматски менувач и погон на предните, задните или сите четири тркала. Дел од стандардната опрема е и EBA (Emergency Brake Assist) системот, додека со доплата можат да се добијат многу современи електронски асистенти познати од светот на автомобилите.

P_Van_IOD_TGE_7

Кабината во целост е идентична на Crafter, барем дизајнерски, и има коефициент на отпор на воздухот од 0,33 – најдобар во класата. Внатрешноста донесува препознатлив VW распоред и ергономски решенија. За содржините многу што не е кажано – една од ретките работи е дека седиштето за возачот ќе биде достапно во четири различни дизајни и обложено со доста отпорни материјали, како кај камионите.

Со овој модел, понудата на германскиот производител на тешки возила се рашири на сите категории од 3 до 44 тони. Досега MAN-овата понуда започнуваше од 7,5 тони. Продажбата на TGE треба да започне напролет 2017 година, најпрво на пазарите во Германија, Австрија и Швајцарија. Дотогаш MAN има време да ја обмисли целата понуда и можностите за персонализација на моделите, кои, веруваме, ќе имаат „камионска“ конотација, односно ќе се базираат на искуствата што марката ги има со клиентите од поголемите категории. Тука спаѓаат и специјалните изведби, како и организацијата на сервисирањето. За да го слушне гласот на клиентите, MAN организираше семинар на кој покани 80 компании од Германија и соседните земји.

P_Van_EOD_TGE_1

кликнете тука за фото-галерија