Нови мотори за работни машини
MAN има два нови мотора за работни машини
Благодарејќи на постојаните подобрувања и развој, MAN Engines нуди комплетна гама погонски агрегати со работни зафатнини од 4,6 до 24,2 литри и моќност меѓу 118 и 816 kW кои се вградуваат во разни работни и градежни машини – багери, утоварувачи, дампери, автокранови… „Моторите за работни машини се долгорочно важен дел од нашата производствена програма. Во нивниот развој вложени се многу средства за да се прошири нивната понуда во наредните години“, изјави Рајнер Реснер, директорот на продажба на MAN Engines.
Поголемиот од двата нови мотора има ознака D4276 и е реден 6-цилиндричен мотор со работна зафатнина од 16,2 литри (од и пречник 170×142 mm). Овој мотор е достапен со силина од 450 до 515 kW (610-700 KS), а може да испорача максимални 3.280 Nm вртежен момент во интервал од 1.100 до 1.500 вртежи во минута. Има доста компактни димензии (1.464x978x1.131 mm), а со тежината од 1.280 kg е еден од најлесните во својата класа. Заснован е на познатиот D3876, но користи новоразвиен Common-rail систем и нова пумпа за висок притисок на вбризгување од 2.500 бари, што осигурува оптимално согорување и мала потрошувачка на гориво. Наменет е за големи и тешки машини како што се рударските копачи и утоварувачи, поголемите ровокопачи, мобилните дигалки, машини за дробење, уситнување и рециклирање на тврди материјали и слични. За посттретман на издувните гасови се користи EGR систем со водено ладење и модуларни системи со по два DOC/DPF филтри (Diesel Oxidation Catalytic Converter/Diesel Particulate Filter), како и SCR (Selective Catalytic Reduction) за редукција на азотните оксиди. Моторите опремени само со SCR систем ги задоволуваат нормите EU Stage IIIB, а со комплетен посттретман на издувните гасови строгите EU Stage V и US Tier 4 стандарди.
Помалиот D1556 е најлесен мотор во класата од 9 литри и има од и пречник 145×115 mm. Неговата тежина е 860 kg, димензиите му се 1.414x807x1.103 mm, а достапен е со силина од 205 до 324 kW (280-440 KS), со максимален вртежен момент од 1.970 Nm кој е на располагање меѓу 1.150 и 1.300 вртежи во минута. „Со D1556 моторот инженерите на MAN успеаја да создадат мотор со висок однос на сила и тежина и со компактни димензии. Тој е првиот мотор на MAN во класата од 9 литри, со што е пополнета празнината меѓу моторите со работна зафатнина од 6,9 и 12,4 литри“, објаснува Хуберт Госнер, директор на off-road продажбата на MAN Engines. За посттретман се користат EGR, DOC/DPF модули и SCR и моторот ги задоволува EU Stage V и US Tier 4 стандардите.