Just in place
Јапонците одамна го имаат измислено системот на работење Just in time, но ние не живееме во Јапонија
Колку и да е ефикасен јапонскиот Just in time систем на работење, тој за жал не е соодветен за бизниси со наш обем на работа. Сепак времето е пари и во Јапонија и кај нас и тоа е императив во секој сегмент на работењето со магацинските капацитети. Навистина, ако треба секое шрафче да се бара каде е низ магацинот, ниту една фабрика нема да може ништо да произведе навреме. Истото важи и за дистрибутивните центри – и кај нив сé мора да биде на своето место и лесно достапно, Just in place би рекле.
Пари чини и просторот, заради што складирањето се шири во височина. Со добро планирање лесно се постигнува висока искористеност на магацинските капацитети, но за вистинска ефикасност во работата потребни се соодветни алатки. Без нив, ништо од тоа не би било можно. Ги нарекуваме рачни вилушкари, палетари, колички за магацински транспорт или едноставно вилушкари. Ги има повеќе различни типови според конструкцијата или намената, а заеднички им се едноставноста во ракувањето и погонот кој може да биде рачен, електричен или комбиниран – користењето на опрема со мотор со внатрешно согорување или на гас во затворен простор не доаѓа во предвид. Еден од подобро познатите специјалисти за ваков тип опрема за магацинско работење е францускиот Manitou, кој својата понуда ја има раширено за да задоволи сечии потреби без разлика дали тие се поврзани со височината, перформансите, компактноста или пак сите тие критериуми заедно. Широкиот спектар специјално прилагодени решенија кои ја имаат задржано универзалноста секому ќе му овозможат зголемување на продуктивноста со својата флексибилност при користењето, ергономијата на операторот и пред сé безбедноста во работењето.
За нивно опишување ќе треба многу време и простор бидејќи бројот на машини за магацинско работење на Manitou во моментов достигнува скоро осумдесет. Затоа ќе споменеме само некои од вкупно седумте различни категории производи во кои се групирани. На пример вилушкарот за хоризонтален транспорт CI 10 со место за возачот. Неговите димензии се повеќе од компактни – должина од 1,46 метри (без вилушката), широчина од само 0,8 и височина од 1,63 метри. Тежи 1.400, а може да подигне 1.000 килограми на височина од 2,35 метри. Се движи со брзина до 10 km/h со помош на електромотор од 2 kW. Вакви вилушкари Manitou во својата понуда има со носивост до 5.000 kg. За поголеми височини се наменети моделите од серијата ER, кои можат да подигнат товар тежок меѓу 1.200 и 2.000 kg до височини од 6,35 метри. Доста интересна е и EMA II серијата челни вилушкари сочинета од модели со носивост од 1.300 до 2.000 kg, кои во зависност од изведбата можат да го подигнат товарот дури и до 10,56 метри. Покрај електричниот погон располагаат и со хидраулика, а карактеристика им е зглобно решената предна оска која практично се прекршува скоро под прав агол. Имено, при транспорт тие се движат како стандардни челни вилушкари, а кога треба да се земе или остави товарот приоѓаат под благ агол притоа свртувајќи ги предните тркала со носачот на вилушката странично. Така целата операција се извршува практично во еден потег што секако многу влијае на ефикасноста. Тука се и EP серијата електрично-водени транспортни вилушкари со носивост од 1.500 до 5.000 kg, високорегалните ES вилушкари, како и рачните палетни вилушкари Kleos наменети за подигнување товари тешки меѓу 250 и 1.000 килограми на височини до 2,48 метри, а интересни се и ултракомпактните електрични подигнувачи Stacky.
Како што рековме, понудата на опрема за магацинско работење на Manitou е доста широка…