Мала машина за големи работи
Телескопската дигалка MT1435 е некаде на средината на понудата на Manitou гледано и според капацитетот и според висината на подигнување, но сепак спаѓа меѓу малите градежни машини – но затоа е способна за големи работи
Машините на француската компанија Manitou во голем број се присутни на нашите градилишта. И не само таму – нив ќе ги видиме секаде каде ќе се појави некоја инстант-работа која бара подигнување одреден товар на одредена височина. Од сознанијата што ги имаме од терен знаеме дека најголема недоумица на изведувачите на работите е кога каква машина од Manitou да ангажираат. Причината е што оваа компанија во своите шест децении постоење има направено многу дигалки од многу различни модели, од кои добар дел функционираат долг низ години. Но сите се согласуваат со едно – што и да се избере од Manitou, работата ќе биде брзо и ефикасно завршена.
Тоа го знаат и Австријците од компанијата Strabag, кои за изведување на градежните работи во рудникот Саса за кои беа ангажирани, од познатата фирма за земјоделска, градежна и паркова механизација Синпекс од Битола ја изнајмува дигалката MT1435. Според вообичаената номенклатура на Manitou, првата бројка се однесува на дофатот а втората на капацитетот за подигнување товар. Или попрецизно, MT 1435 може да достигне 13,6 метри во височина и да погне 3,5 тони товар. Импресивно е што може да манипулира со максималната носивост на растојанија од 5,1 метар хоризонтално и двојно повеќе вертикално. Тоа го овозможува конструкцијата со хидрауличен стабилизатор и нивелирање на рамката. Телескопската стрела е составена од два дела кои се извлекуваат за 17, односно 18 секунди, а се вовлекуваат нешто побрзо од тоа. Тоа го овозможува хидрауликата со проток од 105, односно 163 литри во минута и максимален притисок од 260 бари. Вилушката со должина од 1.200 и максимално растојание меѓу забите од 1.040 милиметри може да ротира за 124°. Сосе неа, тежината на машината изнесува 10.210 килограми, должината 7,3 метри, широчината 2,33 а висината 2,58 метри. За свртување и треба простор од 8,3 метри, а клиренсот изнесува добри 45 сантиметри.
Како и сте други производи на Manitou, и MT1435 се карактеризира со едноставност и робусност. Работните перформанси ги обезбедува четирицилиндричен Perkins дизел мотор со 82, односно 100 коњски сили во турбо изведбата. Трансмисијата е преку хидродинамички менувач со 4 степени на пренос за возење нанапред и наназад. Максималната брзина е 25 километри на час, а во резервоарот за гориво собира 135 литри. Сите овие карактеристики заедно со малата потрошувачка и разумната цена прават Manitou MT1435 да биде оптимален избор за професионалците кои инвестираат во опрема. Посебно кога таа е издржлива и долготрајна како што се производите на француската компанија која лани ги продаде во вредност од 1,3 милијарди евра.