Чудо од машини
► Ако се прашувате има ли зглобен натоварувач со вртлива стрела, одговорот е – има, и тоа не еден
Француската група Mecalac не е многу позната, не само на нашите простори. Се работи за семејна компанија од Анеси која произведува разновидни багери и натоварувачи на тркала, основана 1974 година. Посветена е на развој на иновативни конструктивни решенија за компактни и мали машини. Можеби и затоа со своите 400 вработени и годишен промет од стотина милиони евра спаѓа во помалите од оваа бранша. Располага со пет фабрики во четири европски земји – две во матичната Франција и по една во Велика Британија, Турција и Германија. Токму од таму доаѓаат и машините што сакаме да ви ги претставиме, зглобните натоварувачи со вртлива стрела. Тие всушност се „наследени“ од германскиот производител на натоварувачи на тркала Ahlmann, кој во 2002 година се приклучи на групата и сега делува како Mecalac Baumaschinen GmbH.
Речиси сите производи на оваа француска компанија се мултифункционални и високооптимизирани, но се чини дека токму зглобните натоварувачи со вртлива стрела се врв на сé. Затоа и Mecalac со гордост како почеток на својата историја ја истакнува 1952 година, кога Ahlmann го има претставено овој иновативен концепт. Сегашната генерација е воведена во 2010 година и се состои од шест модели. Најмалиот AS 600 е и најнов, претставен пред само некој месец. Има оперативна тежина од 4.200 килограми, корпа од 0,5 до 0,8 m³ и мотор со 49 коњски сили. Кај најголемиот модел AS 210e овие бројки соодветно изнесуваат 15.000 килограми, 2,1 до 3,0 m³ и 175 KS. Сите шест машини се карактеризираат со уникатната конструкција со стрела поставена на платформа која може да се сврти за 90º налево или надесно, односно за вкупно 180º. Таа му обезбедува бројни можности, на пример челно товарање и странично растоварување само со возење напред-назад, без никакво свртување на машината. Тоа пак воопшто не е проблем бидејќи овие машини располагаат и со управување на сите четири тркала со три режими – се вртат само еден пар (предните) тркала како кај стандардните машини, предните се вртат во една, а задните во спротивната насока што заедно со зглобна шасија драстично го намалува потребниот простор за маневрирање, или пак и двата пара тркала се свртуваат во иста насока со што машината може да се движи странично под агол. Во сите случаи загарантирана е 100% стабилност на товарената машина, што е проблем кај челните зглобни натоварувачи. Сето ова им дава неспоредливи перформанси, кои дополнително се подобрени со можноста истовремено да маневрираат и да ја вртат платформата со стрелата односно товарот, со што практично се исфрла секаков празен од во нивното работење.
Но, тука не е крајот на иновативноста на инженерите на Mecalac. Тие нив ги имаат замислено и изведено како високофлексибилни сé во едно машини – багер, натоварувач, вилушкар и воопшто носачи на било какви алатки. Фотографиите покажуваат доволно.