Mercedes Actros

Гледајќи го светот со дигитални очи

Иако засега само наназад, новиот Mercedes Actros е многу понапред од другите

„Претставен е новиот Mercedes Actros“ – пред две години голем дел од превозниците едвај дочекаа да осамне ваква вест но место неа гледаа наслови во стил на „Очекувајте го неочекуваното“, или пак „Добредојдовте уште денес во иднината“. А реално гледано и не чекаа многу – иако некои бројат поинаку, ова не е ниту петта ниту трета генерација на Actros, туку добро обновена втора која беше претставена 7 години претходно. Првата која имаше два фејслифтинга, владееше со пазарот 15 години. Сепак, кој како сака нека брои – претставувањето на нов Mercedes Actros беше настан кој во голема мерка го окупира вниманието на превозниците.

Новиот Mercedes Actros донесува ем многу, ем битни унапредувања. Најмалку кај дизајнот, затоа што разликите можат да ги забележат само добрите познавачи на моделот. Но затоа за сé друго следуваат само суперлативи. Тој е најмодерниот и најсовремен влекач на денешницата. Од Mercedes велат дека на пазарот донесува 60 иновации со кои транспортот значително ќе се промени. Како главно се издвојува тоа што перјаницата на Mercedes-овата гама комерцијални возила има можност за полуавтономно возење – Active Drive Assist системот кој всушност комбинира неколку системи може самостојно да забрзува, одржува растојание од возилото напред, кочи и со помош на новиот Servotwin електрохидраулички управувачки систем да го враќа возилото назад во лентата на возење доколку тоа ги гази линиите, и тоа при сите брзини. Две сини линии на дисплејот на инструмент таблата јасно ја исцртуваат траекторијата на возењето, кое сега е многу порелаксирачко за возачот. Што се однесува до автоматското кочење, применета е петтата генерација на овој систем кој работи во комбинација со радар и камера и ги препознава како возилата, така и пешаците. Од големо значење за безбедноста се и системот за надзор на мртвите агли, како и Trailer Stability Assist системот чија ознака јасно кажува која му е задачата.

Новиот влекач нема нови мотори и менувачи бидејќи тие беа претставени минатата година и се нудеа и во претходникот, но затоа има намалена потрошувачка – за три отсто на автопатиштата и за пет на локалните патишта. Интелигентниот темпомат Predictive Powertrain Control во согласност со топографијата на теренот ја оптимизира работата на моторот користејќи ја кинетичката енергија од движењето на надолници за искачување на нагорнините. Тој со помош на прецизните и сложени мапи однапред знае каков пат претстои. Оваа можност сега е достапна и на локалните, а не само на магистралните патишта и автопатиштата како порано. Ги распознава и сообраќајните знаци и семафорите и реагира автоматски, што значи дека кога ќе наиде на знак за ограничување на брзината на пример на 50 km/h, го забавува возилото до таа брзина и тоа точно од местото каде е знакот.

Класичните ретровизори кои се наоѓаат на секој камион попусто ќе ги барате кај Actros – добрите стари огледала се заменети со два екрана од 15 инчи кои од аеродинамичните камери добиваат видео сигнал со резолуција 720×1.920 пиксели. Сместени се внатре во кабината, на предните столбови точно таму каде оди погледот кога ќе се сврти главата кон ретровизорите. Видливоста е многу подобра бидејќи камерите „гледаат“ повеќе од човечкото око, а сликата на мониторите може да се менува по потреба. Дури и кога возачот одмора на нив може да следи што се случува околу возилото иако тоа не работи и завесите во кабината се спуштени. Се менува и осветленоста на мониторите, што значи многу подобра видливост ноќе и во лоши услови за возење. Генерално, овој систем наречен MirrorCam претставува големо унапредување во поглед на безбедноста и управувањето на возилото. Како пример за ова ќе ја наведеме жолтата линија, која покажува до каде е крајот на полуприколката. Други три линии на дисплејот покажуваат кога од страна на камионот има некое друго возило и точно на кое растојание тоа се наоѓа. Што ова значи при престигнување, не треба да елаборираме. Сепак, покрај новиот систем, Actros ќе доаѓа и со предефинирани места на вратите на кои можат да се монтираат обичните ретровизори, таканаречените „слоновски уши“.

Водено е сметка и за комфорот на возачот кој може да го поврзе мобилниот телефон преку Apple CarPlay или Android Auto апликациите со мултимедијалниот систем, или пак преку двата USB конектора. Друго битно унапредување е воведувањето на дигиталната инструмент-табла. Дека е супермодерна се гледа на прв поглед. Возачот може да избира како точно да изгледа и кои информации да се прикажуваат. Меѓу нив се и притисокот во пневматиците и осното оптоварување. На вториот монитор пак, се контролира сé останато, лесно и интуитивно. Управувачот е мултифункционален и на него возачот со копчињата под левата рака управува со панелот од левата страна, а со оние под десната, нормално, со дисплејот десно. Моторот се стартува со притисок на копче, при што клучот може да биде и во џебот на возачот. Паркинг сопирачката е електрична, автоматски се активира и ослободува, а со функцијата за задржување помага при тргнување на нагорници.

Mercedes од претходните генерации на Actros продаде 1,2 милиони примероци.