Безбедноста пред сé
Mercedes-Benz моментално е единствен производител во светот кој своите камиони и влекачи на барање на купувачите ги испорачува со сигурносниот систем Sideguard Assist за заштита на пешаците и велосипедистите
Имено, возењето големи возила во урбаните средини со себе носи и ризик за ранливите учесници во густиот градски сообраќај. Sideguard Assist е систем заснован на радар кој ја надгледува целата должина на камионот односно влекачот, вклучувајќи ја и приколката односно полуприколката и нејзината траекторија при возењето. Така, на пример, при свртување во тесни улици приколката лесно може да го „зајава“ тротоарот и при тоа да закачи столб на семафор или од уличното осветлување, како и невнимателни пешаци или велосипедисти. Во вакви ситуации радарскиот систем на Sideguard Assist го предупредува возачот со звучни сигнали за можноста за ваква незгода, но истовремено ги предупредува и останатите учесници во сообраќајот кои се во непосредно опкружување на возилото. Токму ова беше причина пиварата Hofbräu за потребите на својата дистрибутивна мрежа во Минхен да нарача камиони Mercedes-Benz Antos опремени со овој систем со кои ќе се подигне нивото на безбедност, посебно за време на традиционалниот Октоберфест кога од разбирливи причини бројот на невнимателни пешаци кои треба да се заштитат е многукратно зголемен. За комплетна безбедност, овој систем функционира во заедница со останатите системи – Active Brake Assist 4, Lane Keeping, Attention Assist и други.