Mercedes-Benz Citaro Electric

И бестселерот на електричен погон

Mercedes-Benz започна со одбројување до автобусот со нулта емисија кое ќе трае до крајот на следната година

Mercedes-Benz неодамна го прослави производството на 50.000-тиот Citaro, но развојот на најпродаваниот градски автобус во светот продолжува и забрзува. После претставувањето на неговата хибридна изведба кај кој електричниот погонски склоп е комбиниран со дизел или мотор со погон на гас, Mercedes оди чекор понатаму со подготовка на потполно електрична варијанта. Според планираното, Citaro на електричен погон премиерно ќе биде претставен во септември на саемот на комерцијални возила IAA во Хановер, а сериското производство ќе му започне веднаш после тоа. „Нашиот градски автобус со нулта емисија е наменет за тивко движење по градските улици. Инженерите во моментов ги спроведуваат темелните тестирања на прототипите на новиот автобус во најтешки услови, како технички концепт кој вклучува модуларен систем за напојување и за постигнување на оптимизирано управување со топлината. Јасно е – Citaro со батериски погон ќе постави нова пресвртница“, тврди Хартмут Шиц, шефот на Daimler Buses.

Електричниот Citaro ќе користи модуларни литиум-јонски батерии, што ќе овозможи поединечно прилагодени решенија кои можат да се изведат во согласност со широк спектар апликации и барања за различни услови на експлоатација во градскиот сообраќај. Покрај можноста за полнење од електричната мрежа во автобуските депоа, Citaro може да биде опремен со едно од низата интермедијарни решенија за полнење на постојките или крајните станици. Се задвижува со таканаречените „електрични тркала“ односно електромотори сместени во задните тркала кои како систем веќе се докажани во моделот Citaro G BlueTec Hybrid. Едно од својствата на електричниот Citaro ќе биде и прецизното и подобрено управување со топлината во возилото, при што погонскиот склоп ќе биде поврзан со клима-уредот со што максимално ќе се намали потрошувачката на електрична енергија, односно зголеми автономијата. Иако Mercedes точно не наведува за што се работи, веројатно станува збор за топлотна пумпа која ќе грее и лади зависно од потребите, што е најекономично решение.

Citaro со електричен погон моментно поминува низ сеопфатен циклус на испитување и тестирање како и секој друг автобус од продукцијата на Mercedes-Benz. Прототипите веќе успешно ги поминаа зимските тестови на ниски температури во арктичкиот круг, како и летното тестирање во Сиера Невада во Шпанија. Сега следат тестирањето на издржливоста и деталните подобрувања кои ќе овозможат електричниот Citaro да биде издржлив како и градските автобуси со конвенционални мотори.