Mercedes-Benz GenH2

Daimler ја најави електричната иднина на своите камиони

Со промовирањето на својата товарна програма кој ќе се движи со помош на струја добиена од водород, Daimler даде на увид дел од своите развојни планови

На онлајн презентацијата германскиот производител најави дека првите возила во пробна употреба ќе бидат предадени во 2023 година, додека сериската понуда ќе започне три години подоцна. На презентацијата главна тема беше употребата на горивни ќелии во камионите од тешката товарна програма. Моменталното ниво на сериска понуда на камиони задвижувани на струја, заради големата тежина на батериите и ограничениот радиус на движење, не ги задоволува потребите на корисниците. Неможноста да се исполнат очекувањата ги натераа експертите на Mercedes да бараат алтернативни решенија за еколошки неутрален транспорт. Плод на тие испитувања е одлуката за користење на горивните ќелии кои истовремено ги исполнуваат строгите еколошки критериуми и имаат поголема практична примена.

Да потсетиме, во модулот на горивни ќелии доаѓа до хемиска реакција помеѓу кислородот од воздухот и водородот од специјалните резервоари. Како продукт од тој процес се ослободува одредена количина на електрична енергија која потоа се користи за задвижување на возилото или се складира во сетот батерии и се ослободува чиста дестилирана пареа. Поеколошко гориво од ова не може ниту да се замисли. За да не биде сé така едноставно, хемиската интеракција е возможна само ако водородот во резервоарот се складира под многу висок притисок.

Како функционираат горивните ќелии кај GenH2 серијата?

Во случајов Mercedes користи водород во течна состојба, а тоа се случува само при екстремно ниски температури, не повисоки од -250 степени целзиусови. И двата модела имаат свои добри и лоши страни, но очигледно експертите на Mercedes предност дале на ниската температура со што добиле многу полесни и покапацитетни резервоари. Технологијата со горивни ќелии колку и да изгледа комплицирана, технички е веќе совладана, па така познати ни се сериски модели (Hyundai iX35, Toyota Mirai) кои скоро цела деценија успешно функционираат. Во прилог оди и фактот што низ цела Европа се градат места за полнење на водород, а мрежата постојано се збогатува.

Спецификите на GenH2 Truck серијата се состојат во вградувањето на два резервоара за водород со капацитет од по 40 килограми. Модулите за горивни ќелии исто така ги има два, кои сериски поврзани имаат 300 kW. Батериите во кои се складира генерираната електрична енергија се со капацитет од 70 kWh. Погонската единица кај GenH2-Truck е составена од два електромотори со силина од по 230 kW (313 КС) кои се поставени на една оска. Уште поважен е податокот кој говори за вртежниот момент кој изнесува големи 3.154 Nm, кои за краткотрајна употреба може да достигнат до 4.142 Nm. Овие вредности кај постојните дизелски камиони, едноставно се недостигливи. Со оваа поставка, радиусот на движење изнесува некаде околу илјада километри, што се смета за пристојна вредност за класата на тешки товарни возила.

Уште два новитети

За да не остане сé на иднината, Mercedes ја искористи приликата да го претстави и електричниот влекач врз база на Actros. Mercedes-Benz eActros Long-Haul како што гласи неговиот полниот назив, е камион на електричен погон кој има автономија од цели 500 километри. Останатите параметри на eDrive погонот се идентични како кај погоре споменатиот камион на водород. Третиот електричар меѓу камионите на Dаimler оди во сериско производство многу порано. Mercedes-Benz eEconic е камион со низок под базиран на eActros, а служи за употреба на кратки растојанија. Со соодветно пониски перформанси и капацитет на батеријата, eEconic главно ќе се користи за урбани потреби како возило за собирање отпад во индустријата и слично.

За сите средини кои не располагаат со инфраструктура за употреба на електричните верзии, Mercedes-Benz и понатаму ќе ги испорачува своите светски прославени дизелски мотори, кои ќе ги развива и произведува сé до 2039 година.