Mercedes X-класа

Германска ѕвезда со јапонски зраци

Со новиот луксузен пикап, Mercedes реши да ги освои и последните парчиња пазарна територија

Некои ќе кажат дека ова се чудни времиња за автомобилската индустрија и ќе имаат право – откако Renault Kangoo стана Mercedes, дојде редот и на Nissan Navara. Долго најавуван, новиот модел ќе покрие едно од последните парчиња пазарна територија на која возилата со трикрака ѕвезда не се присутни. Дебитантскиот модел на Mercedes во сé попопуларната пикап категорија ќе ја има ознаката X-класа и од донаторот главно ќе се разликува во дизајнот на каросеријата и степенот на луксуз во внатрешноста – технолошката платформа ќе им биде скоро идентична. Велиме скоро, затоа што сé уште не се во целост познати погонските групи – најавено е само дека ќе бидат со четири и шест цилиндри, бензински и дизел. Некој попат спомна и хибридна варијанта, но тоа повеќе е бидејќи сега е на мода така да се каже. Секако, X-класата ќе има напреден погон на сите тркала, но основните верзии сепак ќе бидат понудени со погон само на задните. Носивоста на овој луксузен камионет ќе изнесува, 1.100 kg, а ќе може да влече приколка од 3,5 тони.

16C945_021

При најавувањето на овој модел, од Mercedes кажаа дека ќе биде направен така да ги задоволи специфичните потреби на нивните купувачи. А кога нешто Mercedes ќе каже, тоа е исто како да ветил. А она што пак ќе го вети, го исполнува. Дека е така се гледа веќе на прв поглед – иако возилото е базирано на Nissan Navara, има потполно поинакви преден и заден дел во однос на неа. И внатрешноста е поинаква, и тоа значајно. Пред сé во поглед на материјалите и опремата, не само што повеќе да се дистанцира од споменатиот Nissan-ов модел. Затоа и беа покажани две верзии на концептот. Првата ја има ознаката Stylish Explorer. Станува збор за елегантно пикап возило со спортска црта. Од 22-инчните тркала со нископрофилни пневматици е јасно дека пред сé е наменето за возење по асфалтирани патишта. Од друга страна, пак, целосно контрастна е приказната за Powerful Adventurer верзијата на X-класата, која како и што самото име кажува, е возило за вистинските авантуристи. Тоа е робусен пикап со поголемо растојание од тлото, моќни теренски гуми и каросерија на долните делови опремена со заштитни елементи карактеристични за возилата кои поголем дел од работниот век го поминуваат по најтешки терени.

Mercedes-Benz Concept X-CLASS

Двете верзии на Mercedes-овиот пикап се разликуваат и по маската и задниот дел на каросеријата, односно товарниот сандак. Внатрешноста им е типична за најновите модели на германската премиум марка, со препознатливите кружни вентилациски отвори и екранот на мултимедијалниот систем налик на таблет поставен на врв од централната конзола. Како и кај надворешноста на двете покажани верзии, Mercedes и во кабината на возилата направи јасна разлика меѓу елегантната и тврдокорната варијанта. Ентериерот на Stylish Explorer е поспортски и префинет, додека внатрешноста на Powerful Adventurer е прилагодена за експлоатација во теренски услови на возење.

Mercedes-Benz Concept X-CLASS

Со X-класата, германскиот премиум производител се обидува да се наметне на купувачите во пазарен сегмент во кој досега не беше присутен. Тоа и не е некое изненадување, со оглед на тоа колку модели од нови за него класи претстави последниве години, да не кажеме децении. И скоро сите до еден се успешни. Од согледаното, овој не само што ќе ги надмине туку ќе постави и нови стандарди. Доаѓа во моментите кога во светот се забележува пораст на интересирањето за пикап модели со средна големина, но и нивна еволуција од чисто работни машини кон вистински алтернативи на теренците. Тоа значи и поголема префинетост и повеќе опрема, односно комбинирање на најдоброто од двата света. А една од клучните предности на Mercedes е тоа што е премиум производител и што прв од друштвото се одлучи на ваков чекор.

Mercedes-Benz Concept X-CLASS

За европскиот и останатите пазари, X-класата ќе се произведува во фабриката на Nissan во Барселона. За Јужна Америка таа ќе излегува од погоните на Renault во Аргентина. Во продажба треба да се најде при крајот на идната година. Северна Америка не е во плановите на Mercedes за освојување.