Metso филтри на притисок со вертикални плочи

Филтрирање и одводнување на рудниот материјал

► Metso филтерот на притисок е тешка машина, развиена за филтрирање на метални минерали, индустриски минерали, јаглен и остатоци од руда

Руден материјал се копа од памтивек, но мeнаџирањето на рудата во последно време се покажува како пресуден фактор во економската исплативост. Развојот на технологиите за филтрирање и одводнување на рудниот материјал, во последниве години напредува извонредно брзо. Притоа, подигнатата еколошката свест како и зголемувањето на трошоците за енергија и персонал се главната движечка сила на тој развој. Земајќи ги предвид овие процеси и секогаш подготвени да понудат решенија за секоја специфична потреба, одговорните од најголемиот светски производител на машини и опрема наменети за рударството, шведскиот Metso, e секогаш подготвен да одговори на предизвиците. Една од тие специфични потреби секако е филтрирањето и одводнувањето на ископаниот руден материјал. Причините за таквото третирање се од прагматична природа, а помеѓу најважните е податокот за тежината на ископаниот сиров материјал. Секако дека и транспортот на филтрираната и сува руда е многу полесен отколку да се пренесува кашеста материја од која попатно се исцедува течност со различен, најчесто штетен, хемиски состав.

Механичко одводнување под притисок

Како што честичките од филтрите стануваат се пофини, така се зголемува отпорот против отстранувањето на водата. Во тој случај гравитациското одводнување повеќе не може да се користи, па затоа се воведува системот на одводнување под притисок. Со создавање на диференцијален притисок (Dp) течноста од цврстите материи, може да се отстрани на два начина:

  • компресија – тоа значи заменување на течноста со цврсти честички;
  • воздушни удари – заменување на водата со воздух.

Кај вертикалните филтри на притисок се применуваат или методот на компресија или пак комбинацијта на компресија и воздушни удари. VPA филтерот на притисок во основа се состои од посебен држач за глава и завршна рамка, споена со две странични греди, кои ја поддржуваат подвижната глава како и филтерски плочи, кои се поставени помеѓу фиксните и подвижните глави. Хидрауличните влечни цилиндри, 2 за VPA 10 и 4 за VPA 15 и VPA 20 типовите, се користат за отворање и затворање на филтерот и за да ја обезбедат потребната сила за затворање во текот на филтрацијата. Ткаенините за филтрирање се обесени на цевкасти држачи и висат помеѓу филтер плочите. Шипките за потпирање на ткаенината се закачени на горниот дел од рамката на која се монтирани вибрирачки мотори.

Едноставна механичка основа

Во основа на системот е филтерот на притисок кој се изведува во две основни верзии. Со VPA (Vertical Plate Airblow) се означува филтерот кој за одводнување на рудната маса користи филтер со компримиран воздух. Работниот притисок на оваа машина е обично помеѓу 7-10 bar и претставува стандарден уред за одводнување на минерални концентрати. Кај него мембраните се надуени со компримиран воздух, додека времетраењето на циклусот најчесто може да изнесува околу 6 минути. VPC (Vertical Plate Compression) е кратенка за филтер кај кого одводнувањето на рудниот материјал се врши со мембрани под висок притисок. Оваа машина може да работи со притисок до 16 bar и се користи во случај каде за одводнување е потребно филтрирање со висок притисок на мембраната. Областа на примена е широка и се движи од многу фини кашести честички во индустриските минерали, до создавање на талози за потребите во хемиската индустрија. Мембраните се надуени со вода под висок притисок, а времето на циклусот, во зависност од апликацијата, најчесто варира помеѓу 10-30 минути.

Филтер на притисок со вертикални плочи

Metso разви VPA филтри на притисок за минералната индустрија кои донесоа високи перформанси и висок степен на автоматизација, а воедно и најниски вкупни трошоци. Резултатот е автоматски филтер на притисок со уникатни карактеристики како што се:

  • Конструкција со мала тежина – филтерни комори од полипропилен.
  • Компактен дизајн – влечни хидраулични цилиндри за намалување на потребниот простор.
  • Промената на филтерот од ткаенина – операција од една минута.
  • Достапно во неколку варијанти на притисок – примена во различни апликации.
  • Само неколку подвижни делови – лесно одржување и висока достапност.
  • Паметен, целосно автоматизиран контролен процес

Филтерот на притисок е контролиран од систем кој се состои од PLC поврзан на компјутерски екран, сместен во добро затворена и изолирана кутија. Операторот на филтерскиот систем, на компјутерскиот монитор може да ја следи и контролира целата операција како и информациите што се однесуваат на подесувањата, статистика и алармите. Системот за мерење обезбедува точни информации за производството, и може да се користи за оптимизирање на филтрација како и на чекорите за сушење во филтрирачкиот циклус.