Peugeot Rifter

Нов модел, ново име

Мора да се признае, PSA групата направи добра работа со новите повеќенаменски модели

Во основа идентични, тие се прилично различни и тоа не само според изгледот и визуелниот впечаток во внатрешноста. За да се истакне тој факт, Peugeot реши место Partner својата патничка верзија на новото трио да ја нарекува Rifter. Звучи непознато, но помалку потсетува на 3008 кој без сомнеж е најубавиот модел во новата гама на Peugeot. И исто како него располага со фамозниот i-Cockpit кој му обезбедува доста ефектен и модерен ентериер. На тој начин е истакната трансформацијата од практичниот доставен модел во автомобил за поминување на слободното време со семејството. Посебно во поскапите нивоа на опрема кои вклучуваат и голем 8-инчен екран во боја чувствителен на допир.

И механиката е преземена од 3008, со таа разлика што на EMP2 платформата се изведени две верзии со должина од 4,40 и 4,75 метри со пет и седам седишта. За моментите кога Rifter ќе служи како доставно возило, се преклопува сé што може да се преклопи и се добива простор за товар од дури 4 кубни метри. Практична е и можноста за отворање на стаклото на вратата од багажникот. За погон се наменети 1.2 PureTech бензинските мотори со 110 и 130 KS и 1.5 BlueHDi дизелите со 75, 100 и 130 KS. Двата послаби дизели и послабиот бензинец се со 5-степен менувач, а другите со 6-степен мануелен или 8-степен автоматски менувач. Rifter располага и со доста електронски помагала, а корисна новост која досега ја немаше е електричната рачна сопирачка која ослободи доста простор меѓу седиштата. Меѓу останатите системи се и адаптивниот темпомат, надзор над мртвите агли, препознавањето на сообраќајните знаци, предупредувањето за напуштање на коловозната лента и замореност на возачот и слично.

Засега како идеја од која сигурно ќе се изроди нешто конкретно, Peugeot подготви и авантуристичка изведба на Rifter опремена со погон на сите тркала. Развиен со традиционалниот партнер за ваква механика Dangel, тој му овозможува да се справи со сите видови подлога. Растојанието од неа е зголемено за дополнителни 80 mm, а возачот може да бира меѓу погон на предните или на сите тркала со блокирање на задниот диференцијал. Наменет му е BlueHDi моторот со 130 KS, чии максимални 300 Nm вртежен момент се пренесуваат преку мануелен менувач со шест степени. Разновидна опрема со која е замислен го прави престојот во природата вистинско задоволство. Меѓу неа е и шаторот сместен на покривот, а Peugeot може да ви го испорача и со електричен велосипед.