Renault Master

Поубав, посигурен, појак

После 9 години на пазарот, дојде време за уште еден редизајн на големиот ван на Renault

Новиот Master доби редизајниран преден дел, кој сега е поробусен и го задржува визуелниот идентитет со останатите модели на Renault од понудата на лесни комерцијални возила. Изменета е предната маска, светлата се со C-облик, линијата на поклопецот на моторот е нешто повисока, а крилата се засилени и повеќе истакнати. Рестилизирана е и внатрешноста, која доби некои елементи како кај патничките автомобили, а избрани се поквалитетни материјали и потемни бои. Кокпитот има поголеми отворени и затворени прегради, воздушните отвори на клима уредот добија хромирани инсерти, а нови се и управувачот и рачката на менувачот. Дисплејот на навигацискиот уред е интегриран, а во понуда се мултимедијалните системи R-LINK Evolution и Media Nav Evolution. Во возачката кабина како и во товарниот простор ново е ЛЕД осветлувањето, така што новиот Master може да се пофали со 5 пати повеќе светло во делот за товар.

Големо внимание е посветено на системите за безбедност и асистенција. Така, новиот Master е достапен со системот ADAS (Advanced Driver Assistance Systems), а автоматското палење на светлата и активација на бришачите и Side Wind Assist асистенцијата против бочен ветар се дел од стандардната опрема. Тука се и Front Park Assist, Rear View Assist со камера за возење наназад, Blind Spot Warning, Active Emergency Braking System…

Обновена е и понудата на погонски агрегати која се ослонува на 2.3 dCi моторот кој дава повеќе сила и вртежен момент, а во просек троши литар гориво на 100 километри помалку од порано. Тој е достапен во верзии од 130, 145 и 165 KS (Euro VI-D), со погон на задните тркала и со 135, 150 и 180 KS (Euro VI-Dtemp) со погон напред.

Новиот Master е достапен со три висини и четири должини на каросеријата, вкупно дозволена тежина од 2,8 до 4,5 тони и товарен простор со зафатнина од 8 до 22 m³, кои искомбинирани даваат 350 варијанти. Исто така, тука се и посебните изведби на каросеријата, вклучително оние со кабина со 7 седишта за транспорт на работници до градилишта, кипер, платформа, шасија… Или, сé на сé, вкупно 500 варијанти.

Новост е и електрично задвижуваниот Master Z.E., кој со батериите со капацитет од 33 kWh има автономија од околу 120 km во реални услови на возење. Има електромотор со силина од 57 kW, а се произведува во фабриката Клеон во Франција. За полнење на батериите на WallBox полнач (32 A, 7,4 kW), потребни се 6 часа. Master Z.Е. е достапен во 6 верзии со три должини и две висини на каросеријата и товарен простор со зафатнина од 8 до 13 m³.

Renault го претстави Master во 1980 година, Master 2 во 1997-мата, а Master 3 2010 година. Оттогаш до денес се направени 2,4 милиони примероци, од кои 118.176 се продадени во текот на 2018 година. Master е присутен на пазарите на 50 земји. Освен во Renault-овата фабрика Батили во Франција, од 2009 година се произведува и во Куритиба во Бразил, а е пазарен лидер во Франција, Полска, Словенија, Хрватска, Бразил и Мароко.