Ем електрични, ем автономни
Scania како производител на автобуси и Nobina како најголем оператор во јавниот транспорт во нордиските земји започнаа соработка со тестирање на електрични автономни автобуси на редовните рути во Стокхолм
Ќе замине ли јавниот градски превоз таков каков го познаваме во историјата? Кај нас сигурно не уште долго време, но во Шведска тоа веќе е на повидок – Scania и најголемиот оператор во јавниот транспорт во нордиските земји започнаа со тестирање на електрични автономни автобуси на редовните рути во Стокхолм. „Технологијата веќе сега е доволно зрела за да почнеме со тестови во реални услови на автобусите на јавните патишта, со што овој проект станува еден од првите од тој вид во Европа. Тој ќе ни пружи обилство информации за понатамошниот развој на автономните автобуси пред да ги воведеме во сериско производство“, вели Карин Радстром, шефот на автобуското одделение на Scania.
Испитувањата ќе се спроведуваат во две фази, на почетокот без патници, а потоа и со нив. Безбедноста е прв приоритет, заради што во автобусите ќе има возач кој ќе ја следи нивната работа и ќе им помага на патниците. „Ние во Nobina сме доста ангажирани за воспоставување на она за што веруваме дека ќе биде важен дел од иднината на јавниот превоз. Овие тестови ќе обезбедат многу информации и искуства во поглед на практичните секојдневни аспекти од управувањето и работата со и на автономните автобуси и можности повеќе луѓе да го користат јавниот превоз. Барањата за автономните автобуси нема да се разликуваат од оние сега во поглед на доверливоста, безбедноста и достапноста“, вели Хенрик Дагнас, директорот на Nobina Sweden.
За почеток, два Scania Citywide LF електрични автобуси ќе ја поврзуваат брзорастечката нова станбена зона Баркарби која се наоѓа на околу 20 километри од центарот на Стокхолм со блиската метро станица. Тие ќе ја опслужуваат новата наменска 5 километри долга траса со четири постојки. На самиот старт на проектот е планирано само еден километар да се вози автономно. Во текот на втората фаза од тестирањата се очекува околу 300 патници секојдневно да патуваат на ова рута. Со сообраќајните и контролни системи за автономните автобуси заеднички ќе управуваат Scania и Nobina. Во текот на испитувањето меѓу другото ќе се собираат податоци на пример за просечните брзини, периодите на непрекината работа, благовременото доаѓање на станиците и отстапувањата од возниот ред, како и за задоволството на патниците. Компанијата што ќе ја опслужува оваа рута е најголем и најискусен превозник во јавниот градски транспорт во нордискиот регион. Nobina секојдневно им овозможува скоро на милион луѓе во Шведска, Норвешка, Финска и Данска да дојдат на работа, во училиште или каде веќе намериле. Оваа компанија со седиште во Стокхолм има повеќе од 11.000 вработени.
Инаку, во оваа стокхолмска населба веќе се во тек неколку иновативни сообраќајни проекти опишани како најсовремени во светот. Автобусите на Scania се првите електрични што самостојно ќе возат во редовен сообраќај и се од моделот Citywide LF. По конструкција се нископодни, имаат должина од 12 метри и капацитет за 80 патници, од кои 25 ќе седат. Три вакви автобус без автономни можности веќе половина година се во пробен сообраќај во малото место Остерсунд на околу 500 километри северно од Стокхолм. Тие возат на најпрометната линија во ова гратче и тргнувајќи на секои 15 минути работат по 16 часа дневно, годишно превезувајќи повеќе од 800.000 патници. Задвижувани се со електромотори од 130 kW, кои се напојуваат од литиум-јонски батерии со капацитет од 110 kWh. Се полнат на крајните постојки со помош на пантограф за време од 6-7 минути. За возењето со овие автобуси, еден од нивните возачи познавајќи ги повеќето од патниците, има изјавено дека некои од нив заради тивкото и удобно возење се возат уште по еден дополнителен круг од 28 километри само заради уживањето во возењето.