Scania L 320 6×2 Plug-In Hybrid

Еден сосема поинаков хибрид

Scania интензивно работи на бројни решенија со кои ќе ја намали емисијата на CO₂ на својата гама

Тоа го потврдува и ​​потпретседателот на компанија Александар Власкамп, кој најавувајќи ги новостите на ова поле кажа: „Транспортната индустрија се наоѓа во големи промени, а Scania сака да ја зацрта насоката кон смалување на емисиите на јагленород диоксид и да даде решенија со нулти емисии за различни транспортни задачи. Моментално градовите се во прв план, но сите видови транспорт мора да се прилагодат за да се постигнат целите за намалување на загадувањето поставени со парискиот договор“.

Едно од најинтересните најавени решенија на Scania е и новиот хибриден камион за кој засега се знае само најосновното. Градската намена му се гледа од ниската кабина и трооскината шасија која вдомува plug-in хибриден погонски склоп. Меѓу техничките детали се наведува дека има батерии со капацитет од 18,5 kWh кои се полнат за 20 минути. Автономијата е мала – само 10 km, што е сосема доволно за дистрибуција на стока во централните урбани зони каде движењето на возила со конвенционален погон е ограничено. Дизел агрегатот е со 5 цилиндри од 9,3 литри и 320 KS, а електромоторот има моќност од 130 kW. Бучавата што ја произведуваат работејќи заедно е сведена под 72 dB(A), што значи дека овој хибриден камион е погоден и за ноќна дистрибуција.