Се роди нова генерација камиони
Scania ја претстави новата генерација камиони специјално развиени за европскиот пазар
Во годината кога го слави 125-тиот роденден, Scania ги претстави резултатите од најголемата своја инвестиција во нови производи во досегашната историја. Премиерата на новата генерација камиони се очекуваше со нетрпение скоро цела година откако стана јасно дека производителот подготвува изненадување кое ќе го открие непосредно пред годинешното 66-то издание на IAA во Хановер. Затоа пак не беше изненадување што таму новите камиони на Scania беа во центарот на вниманието, ниту пак што ја освоија престижната титулата „Камион на 2017 година“. Неа им ја додели стручно жири составено од 25 водечки новинари специјализирани за тешките возила, од исто толку држави. Од нив новата Scania собра 149 од максимално можните 175 бода, победувајќи ги Iveco Stralis XP-NP и Mercedes-Benz Actros со најновата генерација OM471 мотори. Победата на Scania беше целосно очекувана и логична, бидејќи согласно правилата на изборот, за меѓународен камион на годината се прогласува оној што има направено најголем придонес за ефикасноста на транспортот врз база на следните критериуми: технолошките иновации, комфорот, безбедноста, однесувањето на патот, економичноста, еколошката прифатливост и трошоците за експлоатација. А тоа изгледа како да е препишано токму од карактеристиките на новата генерација камиони на Scania.
Новата гама камиони се состои од и обновената R серија и сосема новата S серија, со која Scania сака да го промени светот на камионите. Новите модели се развиени да бидат поефикасни, побезбедни и покомфорни. Тоа всушност се и основните насоки на шведскиот производител, чии инженери на овој проект работеа цели 10 години. Крајниот резултат од нивните напори поддржани со две милијарди евра инвестиции, ги гледаме. Обмислени се во секој детаљ и разработени до најмалата подробност која може да доведе до подобрување на ефикасноста. Предниот мост е поместен за 50 понапред, а тежиштето е пониско. Благодарение на тоа, како и на подобрените сопирачки, една 40-тонска композиција при движење со 80 km/h при нормални услови ќе има за 5% пократок пат на кочење. Многу системи за безбедност се нови, автоматизираните Opticruise менувачи сега се побрзи, а од многубројните иновации уште пред финалната фаза на подготовката за почетокот на производството на првите примероци на Scania од новите R и S серии, Швеѓаните не можеа а да не се пофалат дека новата гама прва во светот ќе има странични воздушни завеси за заштита на возачот при превртување.
Кабините се целосно нови, со модерен изглед. Една од поважните карактеристики е што се направени на модуларен принцип, исто како и целиот камион. Тоа значително ќе влијае на висината на трошоците за поправка во случај на сообраќајна несреќа, но и на големата разнообразност на гамата. Кога сите варијанти на кабините ќе бидат воведени во производство, новата генерација камиони на Scania ќе може да се добие со вкупно 24 различни варијанти на кабини. Освен аеродинамиката на која е работено многу часови во воздушен тунел, подобрена е и видливоста. За тоа но и за поголем комфор и безбедност во возењето придонесуваат и пониската инструмент табла, потенките предни столбови, поголемото предно стакло и новите ретровизори. Основната позиција на возачот е поместена за 65 mm поблиску до предното стакло и за 20 до вратата. Како резултат се добива и поголема пространост. Токму ова, посебно во кабината на S серијата која има рамен под, ќе биде посебно ценето од возачите на кои камионот им е втор дом, во кој често поминуваат повеќе време отколку со семејството.
Гамата на обновените мотори со кои се поминати преку 10 милиони тест километри покрива широк дијапазон од 410 до 730 коњски сили. Сите се Еуро 6 и имаат нови системи за управување и ревидирани инсталации. Преработени се и коморите за согорување, бризгалките се нови, а маслото се лади со термостат. Подобрената аеродинамика и поефикасното искористување на горивото значи и поголема економичност – шведскиот производител на камиони споменува намалување на потрошувачката за 5%. Сите мотори со кои ќе се нудат новите камиони на Scania ќе можат да работат со специјалното HVO биогориво со кое емисиите на CO₂ можат да се намалат и до 90%.
Новиот модел е исклучително важен за Scania. Тој е кулминацијата на целокупното знаење на околу 4.000 вработени, колку што беа ангажирани во неговиот развој. Лансирањето е внимателно испланирано и ќе се одвива во неколку етапи со јасен фокус на различните индустрии и пазарните сегменти. Затоа и досегашната генерација камиони ќе се продава паралелно со новата, чие постепеното воведување ќе започне со изведбите наменети за превоз на долги релации. Целокупно, Scania ќе разработи широка гама од индивидуализирани решенија за сите сегменти. Заедно со новата генерација камиони ќе бидат претставувани и нови продукти и услуги кои ќе помагаат за намалување на оперативните трошоци и продолжување ефективното време на експлоатација на превозните средства. Scania има цел да стане лидер во одржливиот транспорт, каде интеграциите и дигитализацијата ќе играат сé поголема и поважна улога. Scania всушност веќе ги менува правилата на играта во индустријата бидејќи во моментот веќе се вмрежени 220.000 нивни камиони, бројка која постојано расте – по околу илјада секоја седмица. Од нив секојдневно се собираат податоци за рутите по кои поминуваат, посебно оние специфичните. Така, секој камион што после ќе помине по истите рути, од централа добива податоци кој е најефикасниот начин за тоа. Заради сето ова на новата генерација камиони на Scania не се гледа само како на нов модел, туку и како на исклучително иновативен производ кој го насочува правецот на развој на целата индустрија.