Северна принцеза
Шведска има нова принцеза – името и е S730 а презимето Scania
Уште од нејзиното појавување летото 2016-то, сите зборуваат дека менаџментот на Scania направи добра работа со лансирањето на новата S-серија. Инженерите од Седертелје, пак, уште подобра. Врвот на нивната работа е топ моделот S730, најмоќниот во гамата. Не е секогаш избор на транспортерите кои попрво би се одлучиле за нешто со 450-500 коњи, но е сон на сите нив. Најмногу заради единствениот V8 агрегат, кој е на располагање со 520, 580 и 730 коњски сили. Која од трите верзии е најпривлечна не треба да кажуваме, ниту пак зошто. Затоа и малку конфузно делуваат импресиите на оние што имаа можност да ја возат, кои меѓу првите нејзини позитивни карактеристики покрај перформансите ја споменуваат потрошувачката. Со опасност да звучиме цинично нема да им поверуваме, но и без тоа Scania S730 нема потреба да се докажува.
Јасно е дека купувањето на ваков камион освен во земјите каде најголемата дозволена маса е 60-70 тони не претставува реална потреба туку исклучиво е работа на престиж и демонстрација на моќ. А таа доаѓа од прочуениот V8 мотор од 16,4 литри кој е толку добро развиен што практично остана ист како и во претходната генерација. Коморите за согорување се реконструирани, бризгалките се нови, а електронскиот систем за надзор на работата унапреден. Применето е термостатско ладење на маслото за одржување на постабилна работна температура, а вентилаторот на ладилникот има директен погон. За неговите 730 KS и 3.500 Nm се заслужни четирите вентила по цилиндар и XPI вбризгувањето со притисок од 2.400 бари, а за чистота на издувните гасови SCR+EGR и DPF системите. За споменатата намалена потрошувачка на горивото голема заслуга има предиктивниот темпомат со eco-roll функција.
Прецизноста на управувањето е на високо ниво, а моќниот ретардер има таканаречена freewheeling функција која механички го одвојува од излезното вратило на менувачот кога не е активен. Интересна е можноста за поставување на брзината со педалата на сопирачката. Со притисок и нејзино отпуштање, моменталната брзина се поставува како вредност при која системот за кочење се активира, автоматски комбинирајќи ги работата на ретардерот, моторната и работните сопирачки. Менувачот е нов, со кочница на помошното вратило која при промените на степените на пренос значително го скратува времето за синхронизација на бројот на вртежите со главното вратило.
При развивањето на новата S-кабина во Scania пристапија со максимален ентузијазам. Шведската компанија како производител од премиум сегментот се наоѓаше на удар на критиките на еден дел купувачи бидејќи не нудеше кабина со рамен под. А новата е токму таква и е достапна со целата гама мотори од 410 до 730 KS, со нормален или висок покрив. Дизајнот и е модерен, а конструкцијата прилагодена на барањата на купувачите. Заради поголема економичност посебно внимание е посветено на аеродинамиката, што е забележливо на многу детали. Сите споеви се изведени прецизно, а зјаевите меѓу вратата, поклопецот и околните површини смалени на минимум. Бришачите и новите ретровизори се аеродинамички оптимизирани, а со истата причина е условено интегрираното сместување на опционалните дополнителни рефлектори во структурата на кабината, по еден пар во покривот и маската. Од Scania велат дека со овие зафати е постигнато намалување на потрошувачката за 2%.
Освен тоа, подобрата аеродинамика ја намалува и бучавата во кабината. Кокпитот кој во многу што ја задржа типичната за камионите на Scania препознатливост, дополнително е унапреден со новораспоредени прекинувачи. Врвниот квалитет на користените материјали не треба да се споменува, а креветот може да биде широк до 100 cm. Бројни се преградите под и над него, а од двете централни фиоки едната по правило е искористена за ладилник. Возачот има нова положба, за 20 mm поблиску до вратата и за 65 до ветробранското стакло. Тоа во комбинација со поголемите стаклени површини и понискиот раб на инструмент таблата осигурува подобра прегледност на непосредната околина пред и покрај камионот. Исто така големо значење за тоа имаат и потенките столбови и новите ретровизори кои иако имаат помала слика, не сокриваат цели автомобили при приоѓање на раскрсници. Поработено е и на ергономијата, организацијата на просторот е одлична, а опременоста е како во автомобил од високата класа. Со оглед на цената на оваа V8 верзија, поинаку не ни може да биде.