Како лего коцки, само поголемо
Забрзаното темпо на градба, посебно на големи објекти, придонесе за сé помасовно користење на иновативниот метод на градење со големи, однапред подготвени бетонски блокови
Системот за градба со вакви бетонски блокови нам всушност долго време ни е познат – се среќава кај сите руски згради направени во Скопје после земјотресот, а во последно време и кај некои објекти кои кај нас ги градат странски компании. Со него се штеди сé – време, пари и труд, бидејќи блоковите однапред се подготвуваат во облик и со големина каква што треба – посложените се леат во специјални калапи и се транспортираат, а оние поедноставните се прават на самото градилиште во непосредна близина на објектот што се гради, кој потоа едноставно се склопува како да е од лего коцки. За тоа, пак, се потребни кранови кои можат да се справат со предизвикот.
Теоретски секој градежен или кран за тешки задачи ќе заврши работа, но за овој систем на градба навистина биде брз и ефикасен потребен е кран кој може да се движи околу објектот. Германски производител Sennebogen има цела серија вакви кранови кои во зависност од моделот можат да ракуваат со товар од 50 до 300 тони. Подвижноста ја обезбедуваат гасениците, стабилноста масивните баланс-тегови, а безбедноста реномето на оваа семејна компанија која веќе 6 децении успешно е присутна на многу градилишта ширум светот, посебно кога се работи на големи и изискувачки проекти.
На пример изградбата на ветерници, кои како што знаеме, за да бидат ефикасни на една локација мора да ги има многу – колку повеќе, толку подобро. Бетонските компоненти за структурата на нивното тело пристигнуваат со камиони, од кои потоа со помош на кран се поставуваат. Тука е важно да се напомене дека стабилноста на кранот е многу битна, бидејќи се работи со тешки товари, на големи височини, под константни налети на ветер. Конкретен пример е изградбата на голема фарма на ветерници во Вестфалија, каде е употребен кран Sennebogen 5500 со 180 тони носивост, максимална височина од 104 метри и вител од 160 kN. Овој крај лесно се справува со 64-тонските бетонски тела на ветерниците кои се издигнуваат на височина од 41 метар. Со помош на дизел моторот од 261 kW се поместува каде треба, и тоа со закачен товар. Според градежниците, брзината со која работи е импресивна. Исто и флексибилноста, бидејќи лесно и едноставно може да се транспортира на друга локација.
Друг пример е изградбата на новата фабрика за мотори на Daimler во близината на Штутгарт. Огромните фабрички хали се склопуваат од однапред подготвени блокови тешки и до 50 тони. Заради големината на локацијата се користат два крана, еден од споменатиот модел 5500, а друг од поголемиот 7700 кој има капацитет за подигнување товар до 300 тони на височина од дури 154 метри. Нивните компактни надворешни димензии им овозможуваат прецизно да се доближат до самото место на монтажа, секако со закачени бетонски блокови. Работејќи еден од внатрешната, а друг од надворешната страна на фабричките хали, тие значително ја забрзуваат нивната изградба – градежната компанија вели дека со нивна помош завршиле со работа два месеца пред рокот.
Во споредба со овие задачи, изградбата на еден трговски центар во Офенбург изгледа како дечка игра. За овој проект се искористени три крана – еден од моделот 5500 и два помали од моделот 4400 со капацитет од 140 тони. Со заеднички ангажман, нивните сајли имаат пренесено 1.700 кубни метри бетонски блокови. Но кој и модел на Sennebogen да се избере, сите ги имаат истите особености – гасениците им овозможуваат да работат на секаков терен, па и на нерамен или порозен. Од Sennebogen велат дека со нивна помош крановите можат да се движат и со 90% оптовареност, а карактеристика им е и тоа што сами се монтираат и демонтираат – имаат дури и систем со кој сами се издигнуваат од тлото за товарање на камион.