SOR – Чешка

Чешка офанзива со алтернативен приод

Ретко кој има слушнато за чешкиот производител на автобуси SOR, но тоа ќе се смени

Сé поголемиот интерес за електричните автобуси на површина исфрли едно сосема непознато име – SOR од Чешка. Ретко кој има слушнато за овој производител на автобуси, но тоа ќе се смени. Не е пошироко познат бидејќи е релативно млад – основан е во 1990 година како сервис за поправка на трактори и земјоделска механизација во малото чешко место Липхави блузи границата со Полска со едвај 1.700 жители. Но со оглед на веќе започнатиот процес на „ремонтирање“ на комунистичкото општество, оваа фирма набргу беше приватизирана. На нејзиното чело застана поранешниот директор на фабриката за автобуси Karosa, кој доста смело пристапи кон бизнисот насочувајќи го развојот на компанијата кон автобускиот сектор. Првиот прототип – минибус од 7,5 метри со мотор од Perkins и менувач од Voith, беше направен уште во 1993 година. Карактеристика му беше што освен надградбата, и самата шасија беше од сопствена конструкција, нешто што поретко се среќава во автобуската индустрија.

Следеше период на воздржан развој со пополнување на гамата со нови модели и постепено но постојано проширување на капацитетите и освојувањето нови пазари. Фокусот на компанијата беа евтини автобуси наменети пред сé за пазарите на земјите од поранешниот источен блок, со дизајн кој им беше слаба страна. Ниската цена на производство се постигнуваше со максимална стандардизација на деловите, модулите и структурата, широка употреба на пластиката, специфични технолошки процеси кои бараат ниски оперативни трошоци и слично. Беа освоени широк спектар модели со различни големини – од 8,5, 9,5, 10,5, 12 и 13,5 метри и еден зглобен од 18 метри. Во 2007 година беше направен првиот автобус на природен гас, а една година подоцна и нископоден тролејбус. Две години после него се појави и хибриден автобус, а во 2010-тата и електричен.

Голем импулс во развојот на компанијата имаше освојувањето на неколку значајни тендери, меѓу кои и оној за 620 автобуси за јавниот транспорт во Прага, додека пак во главниот град на Словачка, Братислава, сообраќаат 100 нивни автобуси. Во овие две земји SOR има пазарен удел од околу 30%. Производите на компанијата се застапени и во Полска, балтичките земји, Скандинавијата, Бенелукс, земјите од германското говорно подрачје, Русија, Украина и на Балканот, поточно во Србија, Бугарија, Романија и Хрватска, но и на Фарските острови. Интересен факт е што нивните автобуси едно време се произведуваа по лиценца во Унгарија и Полска. Во моментов SOR вработува околу 650 луѓе.

Повеќе или помалку гамата на SOR и денес ја сочинуваат слични модели – производителот наведува повеќе верзии на градски, меѓуградски и долголиниски автобуси со должина од 8,5 до 18,75 метри и капацитет од 25 до 161 патник, како и електрични автобуси и трамваи. Се користат Euro VI дизел мотори од италијанскиот производител FPT Industrial со моќност меѓу 185 и 243 kW, оските, менувачите и ретардерите се од германските производители ZF и Voith, системот за сопирање главно од Knorr-Bremse, системот за управување од Bosch, електронските системи од Wabco… Електричните автобуси се опремуваат со водено ладени електромотори од 120 или 160 kW и батерии од 170-225 kWh од кинескиот производител Winston Battery. Од целата гама единствено нископодниот градски модел NS од 12 метри во дизел и електро изведби привлекува внимание со својот дизајн – останатите изгледаат како да се од некое друго време иако спецификациите горе-долу им се во ред.

Од своето основање досега SOR има произведено околу 7.700 автобуси, половина од нив продадени на домашниот пазар. Рекордна година беше 2015-та, кога беа направени 757 возила.