Sunsundegui SC7

Професионална алатка за туристичките работници

► Не случајно седиштето на светската туристичка организација е во Мадрид

Шпанија е туристичка земја, втора по популарност дестинација во светот во поглед на потрошувачката – годишно ја посетуваат 60 милиони странски туристи кои оставаат околу 62 милијарди евра, или 6,4 отсто од бруто општествениот производ на земјата. За да се опслужат сите, треба навистина здраво развиена инфраструктура и капацитети не само за сместување, туку и за нивни превоз.

Заради тоа и не треба да чуди што пошироко анонимниот шпански производител на автобуси Sunsundegui освен што држи една шестина од домашниот пазар, извезува во значаен број земји, пред сé поразвиените европски, но и во Русија, Египет, Израел, Обединетите Арапски Емирати и други. Рекордна година за оваа баскиска компанија беше 2008-та, кога беа произведени 550 единици. Но кризата и лошото раководење ја фрлија на коленици, по што покраинската влада ја презеде контролата и ја реорганизираше. Како резултат на тоа гамата автобуси започна да се модернизира, а референца за постигнатото е високотуристичкиот автобус Sunsundegui SC7 кој ви го претставуваме.

Настапувајќи како наследник на застарениот но прославен модел Sideral 2000, SC7 е сосема нов производ кој се наметнува со своите агресивни и остри линии со кои сепак се постигнати идеално чисти линеарни форми. Налик на ниту еден друг автобус на пазарот, возилото има доста аеродинамичен дизајн добиен со заслуга на панорамското ветробранско стакло кое обезбедува за 30 cm поголема видливост. И задниот крај е карактеристичен и делува како комбинација на модерниот и ретро дизајнот со светлосна група спуштена до максимум. Усогласениот и пријатен ентериер на автобусот затскриен зад затемнетите стакла е пополнет со удобни седишта и мноштво корисни детали на кои и туристите кои патуваат на подалечни дестинации ќе им бидат благодарни. Модерната црта преовладува како во дизајнот, така и во опременоста, а целокупното осветлување е доверено на LED диодите. Секако, приоритет при уредувањето на внатрешноста е даден на луксузот, дури и пред комфорот.

Каросеријата на Sunsundegui SC7 може да се постави на шасии од Mercedes, MAN, Scania или најчесто Volvo, со две или три оски. Се нуди со должини од 12,35, 13,1, 14 и 15 метри и капацитет од 55, 59, 63 и 71 патник. Височината секогаш изнесува 3,72 метри, телото му е олеснето за да се компензира тежината на Euro 6 шасијата, а просторот за багаж во зависност од изведбата се распостила и до 12,95 m³. Во резервоарите му собира 910 литри гориво, што само по себе кажува за каков вид превоз првенствено е наменет.