Temsa LD

Бисерот од Анадолија

► Ако сакаме да го развиваме туризмот, некои работи мора да промениме

Со увозот на стари автобуси од странство некои работи тргнаа во погрешна насока. Имено, нашите транспортери започнаа да ги заменуваат истрошените меѓуградски автобуси со туристички и високотуристички стари повеќе години, не водејќи многу сметка дека нивното одржување е доста скапо и комплицирано, ниту пак дека всушност никогаш нема да можат да го искористат сето она што оваа класа автобуси го нуди. Дупката која се создаде во понудата и побарувачката на транспортни услуги им дојде како порачана на некои нови имиња, кои бизнисот го започнаа со соодветно опремени минибуси. Токму тие со порастот на обемот на работа сфатија дека туристичките автобуси се погрешна опција и се пуштија во потрага по меѓуградски модели. А нив на западниот пазар за користени возила ги нема многу – за разлика туристичките и посебно високотуристичките, векот на употреба им е многу подолг и ретко кој ги менува пред добро да остарат.

Во меѓувреме, овој сегмент во Европа започна да зрее и побарувачката за вакви возила да расте. Ваквиот тренд го следи и Македонија, каде сé поголемиот број туристи што ја посетуваат земјата наложува итна промена во размислувањата, ако сакаме да ја развиваме оваа гранка. Имено, првиот впечаток за земјава надвор од аеродромската зграда туристите го добиваат токму од автобусот со кој ќе патуваат – ако тој е стар и слабо одржуван, сé понатаму ќе биде компромитирано. Тоа го знаат туристичките работници, но не и превозниците. Тие дури не се запознати ниту со цената на еден ваков нов автобус, која може да биде и за половина пониска од онаа на туристичките. Затоа и се решивме да ви претставиме едно интересно решение кое доаѓа од Турција, поточно од најголемиот турски независен производител на автобуси Temsa.

Но, претходно збор-два за компанијата. Основана во 1986 година, таа со производство на автобуси под лиценца на Mitsubishi започна пред триесет години. Многу бргу се префрли на свои решенија, а визионерството на раководството наложи од 2000 година наваму сите нови производи да се развиваат за западноевропските пазари. Задржувајќи ја независноста и флексибилноста со користењето на механички компоненти од разни добавувачи поставени на сопствени конструктивни решенија, Temsa денес произведува околу илјада автобуси годишно, од кои 75% се извезуваат во 46 земји, вклучувајќи повеќе западноевропски и САД. Овие бројки прават Temsa да биде втор по големина независен производител на автобуси во Европа, од чиј пазар држи 7%.

Моделот кој сакаме да ви го претставиме има ознака LD и е наследник на Tourmalin и Safari. Во производство е од 2014 година, во три изведби – туристичка, меѓуградска и школска. И ако ознаката му е кратенка од Low Deck, тогаш меѓуградската негова верзија има суфикс IC (Inter City). При неговото конструирање се водело сметка токму за оваа намена, за меѓуградски и туристички превоз на пократки релации, од тука до таму и назад. Тоа значи дека приоритетот е ставен на економичноста во оперирањето, долговечноста во експлоатацијата и едноставноста во одржувањето. Како повеќенаменско решение е компромис меѓу сето наведено и комфорот на патниците, кои може да ги има 59 во пократката и 63 во подолгата изведба. Двојните врати овозможуваат лесно влегување и излегување дури и со багаж во рацете, а рачките за држење на седиштата и превоз на патници кои стојат.

Техничките спецификации ќе кажат дека е долг 12.335 односно 13.050 mm, широк 2.550 и висок 3.350 mm. Меѓуоскиното растојание му изнесува 6.335, односно 7.050 милиметри, а простор за багаж 4, односно 5 m³. Моторот е DAF MX11 Euro 6 со 330 или опционално 369 коњски сили, а менувачот шестстепен ZF, мануелен или автоматски. Сите сопирачки се дискови засилени со EBS со ABS, ASR и ретардер, а ослонувањето може да биде самонивелирачко електронски контролирано. Како и сите други автобуси од оваа класа, можностите за персонализирање му се ограничени заради потребата за задржување на цената на прифатливо ниско ниво. А неа кога ќе ја слушнете, ќе се изненадите.