Tesla Cybertruck

Елон Маск го шокираше светот

Да, ова е серискиот Tesla Cybertruck со неуништлива каросерија, неверојатни перформанси и цена од 39.900 долари

Елон Маск (повторно) го шокираше светот, но овој пат не со некаква непромислена изјава, туку со претставувањето на новиот пикап на Tesla. Тој веќе некое време се најавува, но сто отсто сме сигурни дека никој не само што не очекуваше, туку не ни има помислено дека Маск ќе претстави вакво нешто. Наречен Cybertruck, овој модел изгледа како да дошол од некој научно-фантастичен филм. Пред да кажете било што, знајте дека не станува збор за прототип за покажување на способностите, туку за возило кое кој сака уште сега може да го нарача по цена од 39.900 долари, со повратен депозит од само 100 долари. Вистина, на него ќе чека две цели години, но затоа ќе добие електрично возило со автономија од 400 километри, забрзување до 96 km/h за 6,5 секунди, максимална брзина од 177 km/h и можност за влечење приколка од 3,4 тони. Оние кои бараат повеќе за уште 10 илјади долари ќе се одлучат за верзијата со два електромотора и погон на сите тркала, која има автономија од 480 километри, забрзува до 96 km/h за 4,5 секунди, постигнува максимални 193 km/h и влече 4,5 тони. Ултимативните пак, ќе се стрпат до крајот на 2022-рата кога за 69.900 долари на располагање ќе биде моделот со три електромотори, автономија од 800 km и сила да повлече 6.350 килограми, да забрза до 60 милји на час за 2,9 секунди и да постигне максимална брзина од 209 km/h.

Овие бројки ја потврдуваат целта на Маск, кој изјави дека сакале да створат пикап кој ќе го засрами Ford F-150 и надмине Porsche 911. Ова сепак можеби се претерани зборови, но мора да признаеме дека перформансите на Cybertruck се импресивни. Покрај тоа, тој треба да биде и неуништлив бидејќи има самоносечка каросерија од нерѓосувачки челик и блиндирани стакла отпорни на удари и куршуми со калибар до 9 mm. Должината му изнесува 5,9 метри, ширината малку над 2, а висината 1,9 метри. Има носивост од 1,6 тони, клиренс од 30 сантиметри и прилагодливо и самонивелирачко воздушно ослонување кое може да се спушти или подигне за 10 сантиметри. Просторот за товар изнесува 2,8 кубни метри и може да се покрие со еден вид ролетна. Во внатрешноста има шест седишта и 17-инчен екран чувствителен на допир. Возилото е опремено и со надворешен приклучок за струја и компримиран воздух, а автопилот опцијата е стандардна.

Во секој случај, ова е најрадикално возило претставено којзнае колку години (или децении) наназад, кое со својата одлична основна цена, добрите перформанси и уникатниот дизајн сигурно ќе резултира со успех.