Tesla Semi

Светот на транспортот повеќе нема да биде ист

Настанот што долго се очекуваше и кој дефинитивно ќе го промени светот на камионскиот транспорт, се случи – Tesla го претстави својот електричен камион

Спектакуларно, Елон Маск на сцената се довезе со новиот Tesla Semi камион и вети револуција во товарниот превоз. Мора да му веруваме, од респект на сé што Tesla има направено на подрачјето на електричните возила. Тој истакна како Semi без приколка до 60 милји на час (96 km/h) може да забрза за тркачки 5 секунди, а потполно натоварен со вкупна тежина од 36 тони, за тешки за верување 20 секунди. Во врска со неговите перформанси тој го наведе податокот дека електричниот камион на 5-процентна нагорница може да вози со брзина од 65 милји на час, односно 104 km/h.

Импресивно и многу побрзо отколку кај камионите со дизел мотор, но во прв план сепак е ефикасноста, односно потрошувачката која изнесува помалку од 2 киловат-часа за милја, односно 1,25 kWh/km. Во врска со вкупните трошоци, истакнато е дека освен што електричната енергија чини половина од цената на дизелот, со своите помалку системи за одржување (нема мотор, менувач, диференцијали ниту системи за пост-третман на издувните гасови) овој камион ќе донесе заштеда од повеќе од 200.000 долари за период од две години. И тоа со американските цени на струјата од 12 центи за киловат-час (6,25 денари) и на дизелот од 2,50 долари за галон (34 денари за литар).

Во врска со издржливоста, Маск нагласи дека Tesla гарантира дека камионот може да помине милион милји (1,6 милиони километри) без да запре заради дефект бидејќи може да вози и со откажани два од четирите електромотори. А тие сите заедно имаат 1.032 коњски сили и стандардно ги задвижуваат задните четири тркалата. Конкретниот капацитет на батериите кои издржуваат милион полнења не е објавен – познато е само дека овој камион ќе доаѓа во две верзии, со автономија од 300 и 500 милји (480 односно 800 километри). Дека ова е сосема доволно потврдува статистиката која вели дека 80% од сите транспорти на стока со влекачи во САД се на релации помали од 250 милји (400 km). Најавена е и изградба на мрежа мега-полначи кои за 30 минути би можеле да наполнат доволно енергија за 400 милји (640 километри).

Секако, батериите се полнат и со регенеративно кочење. Бидејќи се проценува дека 98% од кинетичката енергија ќе се регенерира, оптоварувањето на кочниците ќе биде минимално и освен нивниот практично неограничен век на траење, камионот ќе нема потреба и од ретардер. Затоа пак Tesla Semi ќе има систем за автоматско кочење во случај на опасност. Од другите модерни електронски системи ќе биде опремен и со автоматско одржување на коловозната лента и можност за автономно возење во конвој, како дел од напредниот авто-пилот. На возачот од помош ќе му бидат и камерите, а пространата кабина со централна позиција ќе му обезбеди сосема поинакво чувство во возењето. Таа е направена од јагленородни влакна и има ветробранско стакло отпорно на пукање. Коефициентот на отпор на воздухот од 0,36 изненадува, но не и двата 15-инчни монитори чувствителни на допир преку кои возачот ќе ги добива сите потребни информации.

Производството на Tesla Semi ќе започне во 2019 година, но уште сега може да се резервира по цена од 150.000 долари за верзијата со автономија од 300 милји, односно 200 илјади за онаа со батерии со капацитет за 500 милји пат. Притоа потребно е да се положи депозит од 20.000 долари.