Thor 24

Приказна чиј почеток и крај не се битни

Се одзива на името Thor иако не е нордиски бог, ама е громогласен како него

Круна не му треба иако ја заслужува, но и да му треба тешко дека може да му се најде соодветна. Овој ѓаволски камион долг 13 метри го има започнато својот живот во 1984 година како нормален Peterbilt 359 влекач. После децениски верното служење, неговиот сопственик место да го однесе на отпад му има дадено шанса за нов живот – со уникатни визуелни модификации со многу хром и полиран алуминиум, но и со два 14-литарски Detroit Diesel V12 мотори кои со помош на 12 турбо компресори се навиени на 3.974 коњски сили тотал. Има мануелен менувач моќни диск сопирачки и специјално независно ослонување, а за секој случај вграден е и Hawker млазен мотор како поддршка. Тежи 14,5 тони и постигнува максимални 210 километри на час.

Крајот на приказнава треба да биде информацијата дека ова чудовиште на тркала ќе биде понудено на аукција во Саудиска Арабија, па кој е доволно храбар може да го претвори во почеток на друга приказна бидејќи, според прописите, е легален за употреба на јавните патишта. Едно сепак е сигурно – ќе остане уникат бидејќи неговиот досегашен сопственик на него има работено повеќе од 7 години.