Toyota вилушкари

Семејството на магацинските вилушкари на Toyota постојано се шири

Комплетноста на понудата и можноста за избор на најсоодветни решенија се основа на размислувањето на компанијата Toyota Material Handling кога е во прашање опремата за манипулација со стоки

Во навистина широката палета на вилушкари што го носат знакот на Toyota посебно се истакнуваат оние наменети за магацинско работење – не само за хоризонтален транспорт и утовар и истовар, туку и за редење товар. Ги има многу, поделени на осум основни категории според намената. Но колку и да ги има, следејќи ги барањата на клиентите Toyota постојано го зголемува нивниот број. Како пример ќе ги наведеме стакерите кои се наменети за редење на стока во магацините. Групирани во BT Staxio семејството, погодни се за широк спектар примени. Во понуда се во четири серии односно изведби со и без платформа и седиште за операторот, со дофат од 6,3 метри во височина и носивост до 2 тона. Сите се на електропогон а се конструирани да работат во ладно опкружување (на пример во преткоморите во ладилниците) на температури до -10˚ C без специјални модификации.

Колку да ви дадеме еден блиц увид во нив, ќе споменеме три од поновите модели – SPE120XR, SPE120XRD и SWE120XR од BT Staxio P и W сериите. Конструирани да штедат простор и да ја зголемуваат ефикасноста, опремени се со подвижен кран, компактна шасија и можност за манипулација со различни типови палети. Од останатите се издвојуваат по комбинирањето на компактноста на стакерите и флексибилноста на регалните вилушкари. Како резултат на тоа добиено е сестрано решение кое може да манипулира со било кој тип палети на висини до 4,8 метри. Последниот наведен модел SWE120XR е стандарден стакер, од кој SPE120XR се разликува по тоа што е опремен со платформа, додека пак SPE120XRD прифаќа две палети. Малиот радиус на вртење и подвижниот кран ги прават идеални за работа во тесни ходници и пролази. Прилагодливи се за работа во различни средини, вклучувајќи ги и ладилниците. По желба можат да бидат надоградени со странично поместување или позиционер на вилушката за зголемување на продуктивноста.

Како и другите модели, посебно поновите, енергетски се високо ефикасни и достапни со Li-Ion батерии како опција. Оваа технологија е идеална за интензивна работа и ја намалува потрошувачката за 30%. Се карактеризира со исклучителна долготрајност и брзо полнење во било кое време, елиминирајќи ја потребата за замена на батериите при работа во повеќе смени.