Ultra-Ever Dry

И да врне, и да вее, и бура да коси…

Човекот ги гради живеалиштата да го штитат од временските непогоди, но кој ќе ги штити живеалиштата од нив?

Влагата дури и во мали количини штетно влијае на градбата, ослабувајќи ја нејзината основна намена – да штити, но и намалувајќи го нејзиниот век на траење. За да се спречи се користат разни решенија, главно физички, односно механички, кои сепак не се целосно делотворни – и тие имаат свои ограничувања и лимити на заштита од влага, посебно кога ја има во поголем обем. За поефикасна борба против неа е повикана на помош науката, која на градежниците им има испорачано неколку свои решенија главно базирани на хемиска основа. Но тоа пак создава други проблеми бидејќи штетно влијаат на околината. Напредокот на нанотехнологијата целиот фокус го насочуваат на ново ниво, а најновите истражувања веќе имаат вродено со плод, така што на градежниците веќе им се на располагање ефикасни заштитни материјали базирани на оваа ветувачка технологија на иднината.

Еден од нив, креиран рака под рака со науката, е Ultra-Ever Dry на американската компанија UltraTech, кој гарантира својства во кои е тешко да се поверува додека лично сами не се уверите. Со стручен речник изразено површините третирани со ова средство добиваат хидрофобични и олефобични својства, што со обични зборови кажано значи дека течностите (вода, хидрокарбонати односно горива, масла и слично, па дури и течен бетон) се одбиваат од нив како магнет со спротивни полови. Принципот на делување на Ultra-Ever Dry е таков што се создава бариера над третираната површина која не дозволува течностите ниту да се задржуваат на неа, а камо ли да се впиваат. На тој начин тие секогаш се чисти и суви, што пак како бонус ги штити и од корозија, ерозија или замрзнување, но и валкање со кал, прашина и слични контаминати кои не мораат но можеби содржат и бактерии, а се продолжува и векот на траење. Може да се нанесува скоро на секаква површина – бетон, метал, пластика, гума, текстил, кожа, дрво, хартија, но и на комплетни механички или електрични склопови, електронски уреди, шрафовска стока, алат, опрема, метални конструкции, возила, пловила…

Ultra-Ever Dry се состои од две компоненти кои се нанесуваат една врз друга со спреј. Главни состојки на првата се ксилен и бутил ацетат, а откако нанесениот слој ќе се исуши (што трае околу 20-30 минути) се нанесува втората компонента составена главно од ацетон со мали количини силициум диоксид и соодветни адитиви. При сушењето на вториот слој, за што се потребни 5-10 минути, тој реагира со првиот креирајќи микроскопски нерамнини. Токму оваа структура е причината за однесувањето на површините течностите да бегаат од нив. Средството е одобрено за употреба од американската агенција за заштита на околината, но само за индустриска употреба. Причината е тоа што при неговото нанесување е неопходно големо внимание и стриктно почитување на упатствата, посебно за лична заштита. Секако, како и секој нов продукт и овој не е докрај испитан на сите можни комбинации материјали и течности и под сите можни услови, така што се можни и изненадувања. Засега се знае само дека е запалив, дека не се добро согласува со абразивни средства, сапун, детергенти, алкохол и растворувачи, а не е погоден ни за нанесување на стакло бидејќи неговата бела боја ја намалува проѕирноста.

За жал, тоа не се единствените негативни особини на Ultra-Ever Dry. Рокот на траење на ненанесеното средство е низок – една година, а неговата цена висока – третирање еден квадратен метар ќе чини повеќе од триесетина долари.