Volkswagen Caddy

Мноштво новитети

Volkswagen го претстави новиот Caddy од петтата генерација

Одделението на Volkswagen за комерцијални возила ја претстави петтата генерација на компактниот Caddy. Тој доби нови еволуциски дизајн на каросеријата како продолжение на приказната што ја започна Golf 8, со што ќе биде лесно препознатлив на патиштата. Напред можеме да ги забележиме новите предни светла (достапни и во ЛЕД изведба) кои визуелно се надополнуваат на витката горна решетка на моторот со новото корпоративно лого на VW. Низ неа се протега хромирана лајсна која навлегува во светлосната група, што е новиот дизајнерски потпис на марката. Во браникот се наоѓа голем долен всисник за воздух со мрежичка налик на саќе, перфорирана само на средината. На задниот дел на новиот Caddy се поставени потенки светла растегнати сé до покривот, исто така достапни и во ЛЕД технологија. Во зависност од варијантата, Caddy ќе има една голема или две задни врати, како и една или две лизгачки странични врати. На располагање ќе биде и електрична помош за нивно затворање.

Внатрешноста е темелно променета и во неа по прв пат се среќаваат опционалната дигитална инструмент табла и најновите инфо-забавни системи достапни во големина од 6,5 до 10 инчи. Тука се и бројните системи за помош на возачот. Ги има 19, од кои шест се нови. Тие вклучуваат адаптивен темпомат Travel Assist со Stop&Go, Trailer Assist и Side Assist со предупредување за сообраќајот зад возилото. Новиот Caddy Cargo има ново задно ослонување кое ја замени крутата задна оска со лиснати пружини. Volkswagen ветува повеќе простор и за патниците и за товар, а Caddy Maxi нуди доволно место за две еуро палети. Кога сме кај тоа, да кажеме дека новиот Volkswagen Caddy кој доаѓа во Cargo и MPV изведби, ќе се нуди со три нивоа на опрема – Caddy, Life и Style, при што сите пакети се побогати од своите претходници.

Новиот Caddy е поставен на MQB платформата, а за погон користи нови бензински и дизел мотори преземени од палетата на новиот Golf. Дизелска понуда ја пополнува 2,0 литарскиот TDi Evo мотор со распон на силата од 75 до 122 KS. Благодарејќи на двојниот SCR каталитички конвертор со двојно вбризгување на AdBlue, двојно се намалуваат емисиите на азотни оксиди и овие мотори се меѓу најчистите дизели во светот, како вели Volkswagen. Caddy ќе биде достапен и со TSi турбо бензинскиот агрегат со 116 KS и TGi моторот на природен гас чија сила сé уште не е објавена. Сите мотори ги задоволуваат стандардите за емисии од 2021 година и вклучуваат филтри за честички. Плус на тоа, Volkswagen наведува дека потрошувачката на гориво е помала за дури 12 отсто во однос на моделите од претходната генерација.